Велес, 11 март 2020 (МИА) – Здружението на приватни лекари на Македонија кое брои околу илјада и петстотини приватни лекари во земјава од надлежното Министерство за здравство и Фондот за здравство бараат заштитна опрема за вонредни ситуации и сет мерки за заштита на матичните лекари од корона вирусот.
Воедно од Центрите за јавно здравје бараат итно до приватните амбуланти во земјава да достават печатени флаери со препорака за населението односно на пациентите за заштита од корано вирусот.
– Флаерите да го остават во чекалните на амбулантите, а за да се едуцира поголем дел од повозрасната популација, која не користи социјални мрежи за да се едуцира за заштита од корона вирусот, како и да го запишат бројот на кој треба да се јават оние кои имаат некои симптоми на корона вирус. Како и на нашите колеги од јавните здравствени установи и ние лекарите од приватните амбуланти бараме од надлежните да добиеме заштитни маски и средства за дезинфекција, кои ќе ги поставиме во нашите чекални за заштита од корона вирусот. Министерството за здравство до нас нема доставено никаква помош, а ние матичните доктори сме први на удар од настинати, со вируси и бактерии, потенцира д-р Дервишова Чолакова.
Таа ја информира јавноста дека еден нивни колега лекар од Центар Жупа веќе се наоѓа во карантин затоа што бил во контакт со заразен од корона вирус. Затоа смета дека Фондот за здравство треба да преземе и да донесе сет мерки за вакви вонредни ситуации, а кога медицински сестри се на боледување или мора да седат дома со децата поради тоа што нивните деца се пуштени на принуден 14 дневен одмор од училиштата и градинките.
-Фондот треба да направи некои посебни правилници за вакви вонредни ситуации,бидејќи неговите две илјади пацинети сега нема кој да ги прегледува и никој не сака да ги прими и не смеат финансиски да се оштетат ординациите во никој случај. Ако некој лекар е во карантин како неговата ординација ќе продолжи со работа по две недели, прашува Чолакова Дервишова.