Куманово, 11 март 2020 (МИА) – Активностите на матичните форми на кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, како што се драмска секција, фолклор, модерен балет и танци, се откажани поради препораките на надлежните институции за превенција од коронавирусот, соопштија денеска надлежните од Установата под чија ингеренција е и кумановскиот театар.
– Центарот ја информира јавноста дека повторно ги пролонгира/откажува сите настани и претстави кои беа закажани во следниот период, заклучно со 24 март годинава, се вели во соопштението на Установата.
Наредните две недели откажани се сите настани и во кумановската библиотека.
– Донесовме одлука да работиме со скратено работно време, двете одделенија, за возрасни и за деца, од 8 до 16 часот, наместо како досега во две смени. Преземени се сите соодветни мерки, дезинфекција на раце на сите корисници кои сакаат да ги користат сите наши услуги, а библиотеката ги откажа сите манифестации, настани. Ги следиме препораките, изјави директорката Христина Алексовска.
Претходно, надлежните информираа дека нема да работи и затворениот градски базен, согласно дополителните заклучоци на Владата за превенција од ширење на коронавирусот. ам/мс/