Утрински Весник
Македонија

Во Крива Паланка отворен ден за подигнување на свеста за ефектите од локална корупција „Бори се со нас“

Во Крива Паланка отворен ден за подигнување на свеста за ефектите од локална корупција „Бори се со нас“

Крива Паланка, 10 март 2020, (МИА) – Подигнување на свеста на граѓаните за ефектите од локалната корупција е целта на денешниот отворен ден на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) Скопје што се одржа во регионалната канцеларија на Црвен крст, Крива Паланка.

На отворениот ден граѓаните и граѓанските организации од Североисточниот плански регион имаа можност да разговараат со претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска и со главниот државен ревизор, Максмим Ацевски.

-Идејата е да ги охрабриме граѓаните од повеќето региони да говорат за проблемите. Почнавме од Североисточниот регион, како најсиромашен во државата, и штета е баш тој регион што бил на времето и најголем извозник на месо во Европа, што дознавме од граѓаните, регион кој се наоѓа на самата граница со Бугарија  и ги има сите капацитети и потенцијали тука да се живее подобро, но не се живее подобро. Ние ги бараме одговорите зошто не се живее подобро, проблемите се во областа на владеење на правото, во корупцијата, и како што посочи државниот ревизор и во незнаењето и отсуството на вештини кои се последица на девастирањето на институциите веќе три децении, а ние сме тука да скенираме кои се проблемите, зошто сето ова се случува, зошто се иселуваат младите од Крива Паланка и да се бориме сите заедно како да се живее подобро, изјави Сашка Цветковска од ИРЛ.

Рече, партнери и голема подршка во активностите им се државниот главен ревизор, Максим Ацевски и неговиот тим, како и претседателката на Државната антикорупциска комисија, Билјана Ивановска.

-Идејата беше да се здружуваме со независните институции бидејќи граѓаните имаат поголема доверба во институциите кои се независни. Се вложи многу напор во изминатите три-четири години да ги зачуваме овие институции од партиските влијанија и ние како новинари да ја враќаме довербата и во институциите и во медиумите и заедно со граѓаните да помогнеме да се решат проблемите кои во моментов на сите ни се чинат нерешливи, но ние веруваме дека нема ништо посилно од здружените граѓани, затоа и наше мото е „Бори се со нас“, додаде Цветковска.

Државниот главен ревизор, Максим Ацевски рече дека Државниот завод за ревизија дава силна подршка на овие активности и ги смета граѓанските  организации како партиципирање на НВО-секторот во борбата против корупцијата.

-Секогаш како досега, така и во наредниот период ќе даваме поддршка на сите невладини организации, чија стратешка цел е создавање транспарентно, отчетно и одговорно општество, изјави Ацевски.

Во рамки на отворениот ден со активности се вклучи и тим од Клубот на млади лекари, Скопје, делејќи бесплатни совети за граѓаните за заштита од коронавирусот, бесплатни мерења на притисок и општи здравствени совети.

Истражувачките новинари на ИРЛ  ќе бидат присутни со активности во Североистокот во следниет две недели, по што продолжуваат во Полошкиот регион, во Тетово и Југоисточниот, во Струмица,  со цел да анимираат граѓаните во борбата со корупцијата и криминалот и да се поддржат напорите на независните институции за расветлување локална корупција. ид/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Раде Штекли нуди плата од 3.000 евра – еве што се бара