Утрински Весник
Економија

КИФ: Она што се добива со изградбата на автопатите, се губи со долгите чекања на границите

КИФ: Она што се добива со изградбата на автопатите, се губи со долгите чекања на границите

Скопје, 10 март 2020 (МИА) – Она што се добива со изградбата на автопатите, се губи со долгото чекање на граничните премини. Колони има само на Балканот и никаде на друго место. Ако превозник тргне од Истанбул кон Драч, ќе мора да помине четири различни правни системи, рече денеска претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), посочувајќи ги алармантните проблеми на компаниите во регионот.

– Сето ова ги подјадува времето и брзината на транспортот што е постигнато со вложување милијарди евра во изградба на автопатиштата. Чекањето и долгите процедури на границите треба да се мери парично и ако тоа администрацијата не го сфати, имаме сериозен проблем, напомена Азески.

Претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукичи, побара од новата македонска Влада да го изгради автопатот кој, како што истакна, е почнат пред 12 години.

– Нешто почна да се гради, но ако се одвива волку бавно, веројатно ќе ни требаат уште 12 години, истакна Рукичи.

КИФ ќе продолжи да делува и покрај сите предизвици, посебно оние што се предизвикани од политички несогласувања меѓу некои од земјите во регионот, а ако треба, ќе побара и поддршка од ЕУ, беше речено на седницата.

Азески најави институционално јакнење на Форумот, формирање заедничка арбитража и кредитно биро, како и олеснување на постапките за размена на стоки и услуги на граничните премини. Финансиски и осигурителни институции, рече тој, кои имаат филијали во земјите од регионот, со одредени поволности ќе ја поттикнуваат размената.

– Уште постои волја да се соочиме и со најголемите проблеми. И таму каде што има политички проблеми, ние ќе продолжиме со активностите. Ќе бидеме упорни и професионални како секогаш. Свесни сме дека такви проблеми меѓу шесте земји постојат, на пример прашањето за визниот режим меѓу Косово и БиХ, за прашањата околу ревидирањето на економските односи меѓу државите наследници од поранешната држава кои се уште се отворени. Нема да ги заобиколуваме, туку ќе ги решаваме. Подготвени сме да побараме поддршка и од ЕУ, потенцира претседателот на Стопанската комора.

КИФ произлезе од Берлинскиот процес и профункционира во 2015 година. Форумот го сочинуваат стопанските комори на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија и денес е репрезент на 350.000 компании од овие шест земји. мч/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија