Утрински Весник
Македонија

Затворање на градинките, училиштата и универзитетите во следните 14 дена, препорака на Комисијата, која ќе ја разгледа Владата

Затворање на градинките, училиштата и универзитетите во следните 14 дена, препорака на Комисијата, која ќе ја разгледа Владата

Скопје, 10 март 2020 (МИА) – Четиринаестдневно затворање на градинките, училиштата и универзитетите, препорачува Комисијата за заразни болести, која се составува заради преземање дополнителни мерки за справување со коноравирусот, откако досега во земјава се регистрирани седуммина заболени, меѓу кои и директорката на Клиниката за кожни болести.

Мерките, кои ги препорачува Комисијата, се доставени до Владата и за нив треба да се расправа, велат владини извори за МИА.

Комисијата за заразни болести препорачува заострување на мерките и упатува сите основни, средни и високообразовни и институции, како и детски градинки, да запрат со одвивање на наставно-воспитниот процес во наредните 14 дена.

Се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на РСМ, а спортските настани да се одвиваат без публика.

Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.

Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, освен со посебна довола од Министерството за здравство.

Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.

Вработените во јавните здравствени установи, кои се ангажирани за потребите на изборниот процес да бидат изземени од натамошно учество и да бидат заменети со други лица.

Листата на земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана.

Да се воведе хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании.

Тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Препораките треба да бидат разгледани на Влада, а денеска во 14:00 часот прес-конференција ќе одржи министерот за здравство Венко Филипче. ац/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Таравари: Албанците никогаш не биле во полоша состојба отколку под водство на оваа влада

Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Давкова на средба со претставници на Македонците во Албанија: Обврзани сме да помагаме во решавање на проблемите