Велес, 10 март 2020 (МИА) – Во рамки на проектот „Во задруга за подобра иднина“ што го спроведува CARE и Македонската развојна фондација за претпријатијата, финансиски поддржан од ЕУ, во Велес се одржа информативна сесија за земјделците, за нивно здружување во задруги и за повикот за аплицирање за финансиска поддршка што трае до 31 март.
Заинтересираните задруги или иницијатори на задруги најдоцна до денес треба да се пријават за техничка поддршка. Минимум критериумот кој мора да го исполнат апликантите за да добијат финансиска поддршка од проект е 60 отсто од вкупниот број на членовите на задругата мора да се жени или помлади од 40 години.
Марина Јоноска од Македонската развојна фондација за претпријатија за МИА изјави дека со проектот ќе се финансираат земјоделски задруги кои се регистрирани во надлежните регистри во Централниот регистер и во МЗШВ од 30 јуни 2018 до крајниот рок на објавување на овој повик, 31 март 2020 година. Таа појаснува дека апликанти на повикот може да бидат само новите земјоделски задруги.
– Целта со овој проект е да се поттикне задругарството со вклучување на млади лица под 40 години и вклучување на жените во задругарството, а затоа што сега најголем број од задругарите се лица над 40 години, појасни Јоноска.
Јоноска информира дека во првиот повик од Велес и Велешко немало финансиски поддржани задруги, иако пред година и пол имале инфо сесија во Општина Чашка и имало заинтересирани, но немало пријавени. Па затоа одлучиле за оваа втора инфо сесија во Општина Велес, за вториот повик, кој е во тек. На инфо сесијата освен од Велес присуствувале земјоделци и од Општина Градско и Чашка.