Делчево, 10 март 2020 (МИА) – Започна да функционира новата веб-страница на Општина Делчево, со што ќе се постигне поголема транспарентност и отчетност на општината.
-Согласно со Програмата за односи со јавноста на Општина Делчево за 2020 година, како и согласно со препораките од Стратегијата за надворешна комуникација на Општина Делчево 2020-2024, новата веб-страница ги содржи сите потребни алатки кои треба да ги имплементира принципите на отвореност, отчетност и транспарентност, информираа од општината.
За прв пат на веб-страницата како што додадоа, покрај основните податоци за Општина Делчево, администрацијата, е-документите, стратешките документи и финансиските извештаи, објавен е Граѓанскиот буџет на Општина Делчево за 2020, како и регистерот на услуги на Општината.
-Исто така, новата веб-страница содржи и анкета на која граѓаните можат да дадат одговор на прашањето за квалитетот на општинските услуги, со што за прв пат, општината бара он-лајн повратна информација од граѓаните со што ќе се мери задоволството на граѓаните и ќе се прифаќаат нивните коментари и забелешки, дополнија од општината.
Преку новата веб-страница delcevo.gov.mk во наредниот период како што додадоа, ќе се овозможи вршење пренос во живо на седниците на Советот на Општина Делчево, а редовно ќе се изработува и електронски месечен информатор „Инфо Делчево“.
Претходно Општина Делчево ја изработи Програма за промоција и односи со јавноста со што стана една од ретките општини во државава која стратешки ги планира односите со јавноста, односно во соработка со Регионалниот центар за застапување изработи Стратегија за надворешна комуникација со јавноста. вс/дма/