Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Во услови на непредвидливост во светот, со новата методологија и со дополнителниот Извештај за напредок имаме важни состојки за успех. На самитот во Загреб на почетокот на мај, влогот на Европа е огромен. Ќе ни треба политичко менџирање на одлуките: помалку догматски пристап од страна на поддржувачите, повизионерски пристап од страна на скептичните земји членки, за наскоро да ја зграпчат оваа можност и да обезбедат победничка ситуација и за Европа и за регионот.
Ова го истакна министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, на завршната сесија од вториот ден од Тинк Тенк Форумот во Скопје организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, во соработка со Европскиот совет за надворешни односи канцеларија Софија, кој е дел од програмата на копретседателството на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес во 2020 година.
Според Димитров, имаме можност да го искористиме политичкото внимание кое е ставено на процесот на проширување, имаме нова методологија, а исто така значаен е и геополитичкиот аргумент, како и oчекувањата ЕУ да ги испрача ветувањата. Северна Македонија, додаде тој, е многу драстичен и тажен пример кога станува збор за проширувањето, посочувајќи дека заедно со Хрватска го почнавме процесот со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација, а денес Хрватска претседава со ЕУ додека ние се уште не сме ги почнале пристапните прегововори.
-Драстичниот случај на Северна Македонија ја става ЕУ на голем тест. По удирањето во ѕид три пати доколку не се донесе одлука сега по брилијантниот дополнителен Извештај од ЕК за реформската агенда, тоа во суштина значи дека вратата е затворена, порача Димитров.
Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, истакна дека во пресрет на Загребскиот самит треба да се искористи моментумот кога толку многу земји членки даваат поддршка на проширувањето. На политичарите од Западен Балкан им порача да престанат да се жалат, бидејќи вели, точно е дека нема голем ентузијазам за проширувањето во некои ЕУ членки, но исто така, вели нема толку ентузијазам ниту кај некои земји од Западен Балкан за реформската агенда.
-Во Бугарија имате еден од најсилните поддржувачи на европските перспективи за Западен Балкан. Навистина се надевам дека во март ќе има одлука за Албанија и Северна Македонија за почеток на пристапните преговори. Новата методологија е добар предлог од ЕК кој се уште не е усвоен, но тоа не треба да биде искористено како аргумен за одложување на одлуката за почеток на преговорите, рече Захариева.
Штефан Лене, вонреден професор на Carnegie Europe во Брисел и алумни на Europe’s Futures, вели, не може да знаеме каква е иднината на процесот на проширување, колку ќе трае овој процес и колку ќе биде сложен, но, една непроменива тема е географијата и факт е дека судбината на Западен Балкан е поврзана со иднината на Европската Унија, и тоа никогаш нема да се промени. Затоа, вели, нашите идни напори треба да се фокусирани на блиска соработка и градење силни партнерства.
– Процесот на проширување беше неважен, премногу технички и рутински и никој во Европската Унија, ниту во земјите од Западен Балкан не го сфаќаше сериозно. Шокот што го приреди Макрон повторно ја акуализираше темата и ги присили луѓето да дискутираат зошто проширувањето е неопходно. Овој шок може да биде позитивно нешто. Новата метдологија содржи многу корисни идеи, но самата по себе нема да ја смени ситуацијата. Интересно е што гео-политичките аргументи за проширување се сега во центарот на вниманието, како и фактот дека ако ЕУ го занемари овој регион, други сили може да го наметнат своето влијание и да и наштетат на иднината на Унијата, посочи Лене. вг/дма/
Posted by MИА.mk on Понеделник, 09 март 2020