Утрински Весник
Македонија

Се комплетира сообраќајната инфраструктура во зоната Лесна индустрија во Кочани

Се комплетира сообраќајната инфраструктура во зоната Лесна индустрија во Кочани

Кочани, 9 март 2019 (МИА) – Општина Кочани почна со реализација на проектот за комплетирање на сообраќајната инфраструктура во зоната Лесна индустрија, за што заедно со изградбата на уште неколку улици во градското подрачје се инвестираат близу шест милиони денари.

На кракот од улицата „565“, изведувачот „Стоименов“ работи на изградбата на два потпорни ѕида со вкупна должина од околу 60 метри, по што ќе следи асфалтирање на површина од над илјада квадратни метри со што ќе се подобри приодот кон неколку компании чие седиште е на овој дел во индустриската зона.

– Средствата за изградба на оваа улица се обезбедени со Програмата за уредување на градежното земјиште на Општина Кочани за оваа година. Истовремено, во Лесна индустрија почнаа работите и на улицата „560“, чија изведба е овозможена со средства од Проектот за подобрување на општинските услуги со кои ќе се асфалтира потегот до мостот над магистралниот канал за наводнување, истакна Влатко Димитров од Секторот за урбанизам на Општина Кочани.

Со одобрените средства од Меѓународната банка за обнова и развој, од компонентата Општински инвестиции, во градот ќе се асфалтираат и улиците „Кирил и Методиј“, „Искра“, „Стефка Тасева“ која треба да се поврзе со „Петар Синадинов“ и со „Скопска“. Во месноста Прокарка, на влезот во Кочани, ќе продолжи комплетирањето на улиците „Скоевска“ и „555“ со изградба на атмосферска канализација, потпорни ѕидови и тротоари.

Во наредниот период, градежните активности на локалната самоуправа во Кочани ќе бидат насочени и кон централното градско подрачје каде ќе се работи на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“. По изборот на изведувач за уривање на старите градби, се очекува да почне отстранувањето на објектите и да се создадат услови за проширување на оваа сообраќајница. та/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?