Вашингтон, 9 март 2020 (МИА) – Републиканскиот сенатор Мајк Браун од Индијана е првиот американски сенатор кој стана член на Конгресната група за Македонија и заедницата на американските Македонци во САД, соопшти денеска Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Во Индијана живеат околу 75 илјади Американци со македонско потекло. Македонската заедница таму е со повеќе од еден век историја, и има постигнато значајни економски и претприемачки успеси, соопштуват од ОМД.
-Американските Македонци одиграа важна улога во градењето на Индијана и нашата земја, и јас сум горд што се приклучив на групата за Македонија и македонските Американци во Конгресот. Со нетрпение очекувам да научам повеќе за нивната историја и ќе продолжам да ја поддржувам нашата заедница, изјави сенаторот Мајк Браун.
Браун освои сенаторско место по конгресните избори во 2018 година, и е член на повеќе комитети – за буџет, за животна средина и јавни работи, за земјоделство исхрана и шумарство, како и во комитетите за здравство и образование, за труд и пензија.
Сенаторот Мајк Браун беше член на Претставничкиот дом на Индијана од 2014 до 2017 година. Во 1981 година тој ја основаше и работеше како извршен директор на „Мејер дистрибуција“, компанија со седиште во неговиот роден град Џаспер, Индијана, во која се вработени стотици Американци низ САД.
-Мошне сме задоволни што сенаторот Браун се приклучи на Конгресната група за Македонија. Во Индијана има две големи македонски заедници сконцентрирани во поголемите региони на Форт Вејн, Шерервил, Мерилвил и Крун Поинт, изјави Арги Белио, претставник на ОМД за Индијана.
Конгресната група за Македонија е двопартиска, но со зачленувањето на сенаторот Браун, станува и дводомна. Останати членови на групата од Претставничкиот дом се републиканците Стив Стиверс и Стив Чабот од Охајо, демократот Бил Паскрел од Њу Џерси, Џим Бенкс од Индијана (републиканец) Хејли Стивенс од Мичиген (демократка), како и Гери Конолој од Вирџинија (демократ), кој ja предводи конгресната делегација во Парламентарната асамблеја на НАТО во Брисел.
Копретседавачи на групата се Брендон Бојл (Пенсилванија, демократ), Деби Дингел (демократка) и Пол Мичел (републиканец), двајцата од Мичиген.
Од ОМД посочија дека со нетрпение очекуваат да соработуваат со сите членови на Конгресната група, „како дел од нивниот ангажман за зајакнување на односите меѓу САД и Македонија“. кб/са/