Утрински Весник
Македонија

Се расчистува теренот за изградба на нов парк во Карпош 4

Се расчистува теренот за изградба на нов парк во Карпош 4

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Во скопската населба Карпош 4, покрај булеварот „Илинден“, во тек се интензивни активности за расчистување и рамнење на теренот за изградба на нов парк.

Веќе неколку денови, механизацијата работи на терен и го расчистува градежниот шут и кабаст отпад што со децении се одложувал на оваа јавна површина, информираат од Општина Карпош.

Во активностите за чистење на теренот учествуваат Градот Скопје и Општина Карпош. Локалната самоуправа учествува со осум милиони денари буџетски средства, кои се наменети за подготвителните активности: обезбедување на механизација за чистење и рамнење на теренот.

Новиот парк ќе се простира на 60.000 м2 и ќе се надоврзе на Спортско – адреналинскиот дел, на кој веќе интензивно се работи (кај Алпинистичката карпа).

Предвидено е во паркот да доминира зеленилото, со посебен систем за наводнување, но, ќе има и ботаничка градина и рекреативни содржини.

Во планирањето на јавниот простор вклучена е и стручната јавност, со тоа што Градот објави конкурс за избор на идејно решение за изгледот на паркот. Конкурсот трае до 16 – ти март, по што комисијата ќе ги оценува пристигнатите решенија.са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”