Утрински Весник
Македонија

Четврти случај со коронавирус, заболена директорката на Клиниката за кожни болести

Нема нови тестирани за коронавирус, да се почитуваат препораките за заштита

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска е четвртиот потврден случај заболен од коронавирусот во земјава. Таа пред една недела допатувала од Италија и изминатите пет дена редовно одела на работа.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека таа доцна синоќа била дијагностицирана на Клиниката за инфективни болести и во овие моменти таму се хоспитализира.

Тој изрази огромно разочарување во контекст на непочитување на препораките и апелите за задолжителната автоизолација после секое патување во ризичните региони.

– Добро е што колешката не била изминатите денови во амбуланта и немала директен контакт со пациенти кои доаѓале од надвор. Во епидемиолошката анкета ги навела сите други контакти вклучително нејзиното семејство, пријатели…Нејзината состојба е иста, како и состојбата на двајцата сопружници со коронавирус кои се претходно хоспитализирани, и е стабилна,  има лесна клиничка слика, додека првозаболената е во практично целосно стабилизирана состојба. Во текот на денот или евентуално утре ќе се направи контролниот тест по што ќе се одлучи дали ќе биде отпуштена од болница, рече Филипче на прес-конференција во Владата.

Потенцира дека со исклучително големо внимание пристапуваат кон мерките на Клиниката за кожни болести и во овој момент целата екипа од Институтот за јавно здравје прави анализи на сите кои контактирале со неа како на вработените и пациентите.

– Можно е согласно проценката и одлуката на епидемиолозите денеска одделот целосно да биде затворен, и целокупниот медицински персонал согласно фреквенцијата и должината на контактот кој го имале да бидат испратени на домашна самоизолација, како и пациентите кои се хоспитализирани. Сите други прегледи во периодот кој следи ќе бидат насочени кон другите јавно здравствени институции каде има вакви специјалисти, истакна Филипче.

Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат сериозно, рече Филипче и додаде дека не можат да ги затворат границите, ниту една земја во Европа тоа го нема направено и тоа е невозможно.

– Секој кој доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, тоа е тој најризичен стадиум на болеста, на инкубација кога нема симптоми, а веќе имало контакт со заболен, мора да остане во автоизолазија 14 дена. На тој начин го штитиме сопственото здравје, здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје, нагласи Филипче и им се заблагодари на медиумите за одличната соработка за повторување и пренесување на мерките за заштита и превенција.

Укажа на мерките кои се воведени во Италија, каде од вчера е прогласена црвена зона во 14 провинции на Ломбардија.

– Во интензивна комуникација сме со министерот за надворешни работи, со нашиот конзул во Северна Италија. Сите тие мерки важат за сите луѓе кои се затекнати без оглед дали се жители и државјани на други земји, што значи на нив им е забрането патувањето. Вчера авиокомпанијата ВизЕр ги суспедираше сите летови до нашата земја од ризичните региони на Северна Италија. Во контекст на ова, испративме барање до Стопанската комора за информација од Секторот за туризам за тоа дали се очекува и дали има организирани патувања за празникот и ако имало кои се тие агенции, кога очекуваат да се вратат патниците со цел да знаеме претходно пред да се појават на граничните премини, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека секаде каде ќе утврдат прекршок во врска со непочитувањето на апелите за неодржување масовни собири на кои се очекуваат гости од странство, на автоизолација после доаѓањето од ризичните региони, како и непочитување на доброто спроведување на веќе препорачаната мерка со здравствен надзор и самоизолација, ќе преземат најостри мерки на санкционирање. рп/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме