Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Германија целосно го поддржува членството на Република Северна Македонија во ЕУ и во тие рамки и скорешното отворање преговори со нашата држава, соопшти директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи, Сузане Шуц на средбата со претседателот на Владата, Оливер Спасовски.
Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата е констатирано дека земјава се наоѓа во значаен период кога го очекува заокружувањето на членството во НАТО, дека се реализирани значајните реформски процеси и дека поради тоа постои свесност кај европските држави дека позитивната одлука за почеток на преговорите е заслужена.
Спасовски при тоа изразил благодарност за големата, пријателска и принципиелна поддршка од Германија кон Северна Македонија и граѓаните на нашата држава.
– Се зафативме уште помотивирано за реформите значајни за граѓаните и за европските перспективи, за да ги покажеме нашите сериозни определби кон европските интеграции. Во тој дух, низ дијалог го донесовме и Законот за јавното обвинителство. Ги развиваме добрососедските односи и работиме преку почитување на Уставот, на имплементацијата на договорите со Грција и со Бугарија. Ги исполнивме очекувањата, донесовме важни, историски, храбри одлуки и со право очекуваме дека ова ќе биде вреднувано од нашите пријатели, земјите членки на ЕУ, изјавил премиерот Спасовски.
На средбата соговорниците констатирале дека политиките на дијалог што ги применува Владата се придобивка кон развојот на добрососедските односи и стабилноста во целиот регион, како и дека отстапките од овие позитивни процеси не носат ништо добро ниту за земјата, ниту за регионот.
– На состанокот се посочени придобивките од Берлинскиот процес, со којшто годинава претседаваат нашата држава и Република Бугарија. Во пресрет на утрешниот Форум во Скопје на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, што се организира во рамки на Берлинскиот процес, оценето е дека заедничкото претседателство на Северна Македонија и на Бугарија е значајно признание за придонесот на двете држави во напредокот и во регионалната соработка, како и дека самиот процес е од значителна важност за таа соработка на патот кон ЕУ, се истакнува во соопштението. сп/