Велес, 9 март 2020 (МИА) – Две невладини организации Фондација Фокус и „Хаус оф Хоуп-Ленче Здравкин“ шест месеци работат на терен, од куќа на куќа за пронаоѓање и мапирање семејства од социјален ризик. Целта е да се корегираат постоечките списоци и да се вметнат нови семејства, на кои им е неопходна помош во храна, а кои не се евидентирани на сегашните списоци на разни организации и институции при делење социјална помош.
Како што појаснува за МИА Ленче Здравкин целта на проектот, што треба да заврши до крајот на март е да се евидентираат 200 семејства со социјален ризик.Тие досега евидентирале околу 160, а кои се од Велес и селото Бузалково, а им преостанало теренски да поминат на увид уште дел од Велес и селото Горно Оризари.
Убавка Јаневска од Фондација „Фокус“ информира дека поддршка имаат од Општинската организација на Црвен крст, МПЦ, ИВЗ, Евангелската црква, некои од угостителите и сопственици на пиљари.
-Сите тие имаат потреба од вакви списоци, при делење помош. Нашиот проект е прифатен и од Центарот за социјална рабита на кој, исто така, му е значајна теренската проверка, за да направи ажурирање на податоците што ги има во сопствената база, посочува Јаневска.
Таа информира дека тие до крајот на месецов ќе направат нова Е-база на податоци на семејства од социјален ризик во што ќе ги внесат сите семејства со ризик на кои помошта им е најнеопходна, а тие самите ги откриле на терен.
-Потоа нашата Е-база ќе се спореди со останатите бази штп ги имаат другите организации и Центарот за социјална работа..Храната треба да пристигнува до тие граѓани на кои помошта им е најнеопходна, потенцира Јаневска.