Утрински Весник
Македонија

Населбата „Стопанство“ кај Градско ќе добие канализација после 70 години

Населбата „Стопанство“ кај Градско ќе добие канализација после 70 години

Велес, 6 март 2020 (МИА) – За приградската населба „Стопанство“ со 30 домаќинства и околу 200 жители главно ромско население, Општина Градско очекува следната недела Министерството за транспорт и врски да ја распише јавната набавка за избор на најповолен изведувач на градежните работи за изградба на канализациска мрежа, со што конечно ќе се реши 70 – годишниот проблем на оваа приградска населба на Градско.

Проектот што Општина Градско издејствува да го добие е вреден седум милиони и 275 илјади денари, средства од Европската инвестициска банка, а преку Министерството за транспорт и врски.

Градоначалникот на Општина Градско, Роберт Бешовски за МИА информира дека жителите имаат водовод, но во 21 век се уште немаат канализациска мрежа, а отпадните води се уште се одведуваат во несоодветно изградени септички јами, што честопати доведува до излевање на отпадните фекални води по улиците.

-Сето ова претставува голем санитарен и хигиенско-здравствен проблем за населението и опасност од загадување на почвата и подземните води. Пресреќен сум што како градоначалник издејствував за конечно решавање на овој 70 – годишен проблем со што ќе се овозможат попристојни услови за живот на месното население од оваа приградска населба на Градско, потенцира Бешовски,

Должината на канализациската мрежа која треба да се изгради е 1.550 метри, а се состои од повеќе канализациски краци од кои крак К1 е главен крак и воедно транзитен крак преку кој отпадните води од населбата „Стопанство“ се одведуваат до постоечката шахта од постоечки колектор.

-Останатите краци К11, К12, К13, К14 и К15 се водат низ уличките и непосредно и посредно ќе се приклучат на К1, појасни Бешовски.

Инаку, целокупната проектно-техничка документација за изградба на фекалната канализација е веќе доставена до Министерството за транспорт и врски, издадено е одобрение за градба од страна на Општина Градско и сега се чека Министерството за транспорт и врски да распише јавна набавка за најповолен изведувач на градежните работи. ад/рп/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петровска на Годишната сесија на Парламентарното собрание на Нато во Канада

(Видео) Хуманитарен концерт на Ансамблот Вања Лазарова

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет