Утрински Весник
Македонија

Општина Прилеп ја субвенционира набавката на инвертери и велосипеди за домаќинствата

Општина Прилеп ја субвенционира набавката на инвертери и велосипеди за домаќинствата

Околу 100 граѓани од Прилеп, изминативе 3 дена доставиле комплетна документација со барање за користење на субвенциите за инвертери и велосипеди, што овој месец ги доделува Општина Прилеп, како една од сетот мерки против аерозагадувањето.

– Купив клима со инвертер во вредност од околу 35.000 денари. Ја комплетирав документацијата брзо и ќе ја доставам до Општината. Верувам дека ќе добијам субвенција. Колку средства и да ми се одобрат, тие се пари, што многу ми значат за мојот скромен пензионерски буџет – вели пензионерката Милева Милоска.

Таа, како и многу други граѓани, ја поздравуваат оваа одлука на општинските власти.

Советот на Општина Прилеп од буџетот за 2020 година одвои 6 милиони денари за субвенционирање инвертери и велосипеди.

– Четири милиони се за субвенции за инвертери, а 2 милиона денари за велосипеди. Според анализите средствата ќе може да ги искористат околу 400 домаќинства по принципот „прв дојден, прв услужен“, а ќе добијат најмногу по 10.000 денари за набавка на инвертери и до 5.000 денари за велосипеди. Се надевам дека со овој повик ќе ги поттикнеме граѓаните да не се греат на дрва, јаглен и нафта и дека помалку ќе ги користат автомобилите, а повеќе велосипедите – вели прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

На јавниот повик од Општината, може да аплицираат сите жители на Прилеп, ама само за еден инвертер и по еден член од семејство. Апликантот треба да биде сопственик на станбен објект на подрачјето на Општината, уредот да го купи по објавување на огласот и да има платено данок на имот за 2019 година.

Покрај оваа еко мерка, Општина Прилеп го ублажува проблемот со аерозагадувањето и со набавката на 4 автобуси на метан вклучени во јавниот градски превоз, а што веќе се отплаќаат на четири годишни рати во висина од околу 15 милиони денари и без камата.

Паралелно се реализира и пилот проект со којшто се мери загадувањето на воздухот на 6 локации во градот, а едногодишните резултати и анализи ќе бидат земени предвид во изработката на адекватна стратегија против аерозагадување.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина