Велес, 5 март 2020 (МИА) – Општина Градско од сопствени средства во висина од 1,3 милиони денари изгради и опреми спортско игралиште во село Кочилари. Овој проект се реализираше изминатите две години во две фази.
Како што информира за МИА, градоначалникот на Општина Градско, Роберт Бешовски, во првата фаза било бетонирано игралиштето, а во втората спортското игралиште се заградило и биле поставени трибини и рефлектори.
Спортското игралиште кое е наменето за мал фудбал и ракомет е лоцирано веднаш до ОУ „Даме Груев“ во Кочилари и веќе се користи за часовите по физичко на учениците, како и за останатите жители на Кочилари, за спорт и рекреација во слободното време.
– Со изградбата на ова спортско игралиште како Општина даваме придонес кон развојот на спортот и во руралните средини, посебно меѓу младите за корисно исполнување на нивното слободно време и здрави навики, потенцира Бешовски. ад/мс/