Скопје, 5 март 2020 (МИА) – Лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција најави дека по формирање на новата влада ќе се укинат патните трошоци за пратениците во Собранието.
-Ќе ги укинеме патните трошоци за пратениците во Собранието на Република Северна Македонија. За да го слушнеме гласот на граѓаните во заедничката борба против криминалот и корупцијата ќе има награди за сите чија пријава ќе биде основана за отворање на предмет. Дополнително ќе воведеме електронско следење на предметите кои произлегуваат од претставки за корупција, рече Заев.
Додаде дека согласно принципите на СДСМ за отвореност кон граѓаните, секоја институција ќе има обврска четири пати годишно да организира отворен ден за граѓаните со цел да можат да дадат предлози, идеи и критики. -Секоја служба, односно, институција ќе биде задолжена во рок од три дена да им одговори на граѓаните, додаде Заев.
Лидерот на СДСМ најави намалување на јавната администрација за 20 отсто, со цел да се симне дел од јавниот товар и за да направи поефикасна администрација за граѓаните.
– Во администрацијата ќе работат оние кои се спремни да им служат на граѓаните, за другите има место во приватниот сектор, рече Заев. вј/дма/