Берово, 4 март 2020 (МИА) – Претставници на ЕУ програмата ИПА 2020 денеска во Берово одржаа координативен состанок, за идеи за иновативни проекти, за подобрување на животот на граѓаните во општината, како и појаснување на критериумите за аплицирање.
На заедничкиот состанок како што информираше Билјана Каламадевска од Општина Берово, пред претставници од институциите на локално ниво координаторите ги образложиле деталите за новата програма ИПА 2020.
-Тим лидерот Клаус Рихтер и експертот Бардул Марку ги претставија можностите кои ги нуди проектот за партнерски здружувања на општината, при што посебно беше потенцирано што нашата општина ги има донесени стратешките документи кои се клучни за учество во оваа програма. Тоа се Интегриран план за локален развој, Општинска програма за енергетска ефиксаност, Стратегија за развој на туризмот и Локалниот акционен план за Ромите, рече Каламадевска.
Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски очекува оваа програма да отвори нови можности за решавање на проблемите на општините.
-Се надевам дека Општина Берово ќе успее со своите иновативни стратешки планови, да се вклопи во програмата и да подготви конкурентен проект, кој ќе ги исполни критериумите, за да може да го користи грантот од ЕУ, додаде Пекевски.
Според временската рамка, проектниот концепт треба да биде готов до месец април, годинава, а целосната проектна документација до крајот на јуни. Повикот за проектот насловен „Проект за поддршка на општините” ќе биде објавен во месец октомври, 2020 година и со него се предвидени финансиски средства за општините во висина до 500 илјади евра. вс/вг/