Манчестер, 4 март 2020 (МИА) – Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер призна дека неговите пулени треба да бидат многу внимателни во врска со постапките на напаѓачот на Дерби Каунти, Вејн Руни, за време на натпреварот помеѓу двата тима во полуфиналето на ФА Купот утре вечер.
Легендата на „црвените ѓаволи“ се појави како централен играч од средниот ред за тимот од Чемпионшип и Солскјер е уверен дека на 34 години, Руни е сè уште многу опасен за противникот.
– Тој е опасен, и во и околу шеснаесетникот, под статички услови. Вејн ќе сака да покаже за што е способен и дека сè уште има живот во „старото куче“. Мораме да бидеме многу внимателни да не му дадеме слободен простор околу шеснаесетникот и во центарот, прокоментира Норвежанецот.
Тој додаде дека очекува гостинските навивачи на „Прајд парк“ да му аплаудираат на својот поранешен миленик.
– Мислам дека сите наши навивачи го ценат она што го направи за нас. Тој е секогаш добредојден во клубот, се уште доаѓа на „Олд Трафорд“ и ќе биде добро прифатен од нашите навивачи, вели тој.