Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Патниците со авионите на „Визер“ од Милано и од Венеција на скопскиот и на охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствен локатор – карта што е уште еден чекор во превенирањето и регистрирањето на евентуално заболени од коронавирусот кои доаѓаат во државава.
Патниците, како информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, ќе ги пополнуваат прашалниците во авионите и тоа е стандарна процедура при вакви ситуации.
Филипче информира дека бројот на заразени во европскиот регион е 3.365 пациенти и дека нови земји во кои е проширен вирусот од вчета се Андора, Летонија и Португалија.
– Согласно тоа што има сè повеќе заболени во Европа и согласно поригорозните мерки што италијанските власти ги најавија за северниот регион, се одлучивме за уште еден чекор за подигање на контролата на повисоко ниво што значи на патниците со авионите од „Визер“ од Милано и од Венеција на скопскиот и на охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствен локатор – карта на што се согласи авиопревозникот, што ќе овозможи добра контрола и следливост на патниците, рече Филипче.
Патниците, како што појасни министерот, ќе остават податоци на која адреса престојуваат и доколку после одреден број денови се јави некој патник со симптоми ќе биде лесно да се најдат сопатниците кои што седеле неколку редови пред и зад тој патник во авионот.
Тој информира дека во изминатото деноноќие нема нови пациенти кои се тестирани за коронавирусот. Потсети дека вчера на Клиниката за инфективни болести се јавиле тројца пациенти, двајца патници од Италија и еден од Шпанија, кој престојувал во тамошни болнички установи заради друга здравствена причина.
– Кај сите тројца пациенти имаше индикација за тестирање согласно симптомите и тестовите беа негативни. Единствената пациентка која што е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести е добра и нејзината здравствена состојба се повеќе се подобрува, рече Филипче.
Министерот Филипче посочи дека препораката од Владата за неодржување масовни јавни собири важи до 6 март и доколку има потреба ќе се промени.
Тој упати апел до граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот и доколку не е неопходно да не се патува во ризичните региони, а сите кои се враќаат во земјава да бидат совесни и да се придружуваат до препораките за заштита. дма/сп/