Скопје, 3 март 2020 (МИА) – Од почетокот на јавниот увид во Избирачкиот список на 26 февруари до 1 март, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април, во подрачните единици и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) 2.613 граѓани ги провериле своите податоци.
Најмногу избирачи ги провериле своите податоци во канцеларијата на ДИК во Демир Хисар – 217, во подрачната канцеларија во Струмица – 181, во канцеларијата во Крушево – 175, во Прилеп – 164, во Битола – 159 и во Кичево – 131.
Според податоците од Државната изборна комисија, во овој период од 26 февруари до 1 март запишани во Избирачкиот список се 29 граѓани, избришани од Избирачкиот список се 23 граѓани, промена на податоци имало за 19 граѓани.
Дополнително, увид во Избирачкиот список може да се направи преку веб – апликацијата на веб-страната на ДИК https://izbirackispisok.gov.mk/.
Увидот во Избирачкиот список, според Роковникот на ДИК, како и пријавувањето на македонските државјани од дијаспората за гласање на предвремените избори завршува на 11 март на полноќ.
ДИК до вчера напладне прифати 1.430 пријави за гласање на македонски државјани што живеат или се на привремена работа во странство. Гласањето во дијаспората треба да се организира на 11 април. ев/са/