Скопје, 3 март 2020 (МИА) – Инфо-деновите за презентирање на Мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 Програмата денеска продолжуваат во Желино и Теарце.
Повикот за оваа мерка трае до 14 април, а предвидува вкупно 9.216.693 евра или 568.147.394 денари за вложување во примарно земјоделско и сточарско производство, инфраструктурни зафати, преработка, директен маркетинг на земјоделското стопанство и производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка.
Министерството за земјоделство потсетува дека во овој повик, набавката на трактор не е прифатлива инвестиција.
Корисници на Мерката 1 може да бидат земјоделски задруги, односно физичко лице (носител на семејно земјоделско стопанство), индивидуален земјоделец или правно лице и задруги.
Освен Мерката 1, на средбите со земјоделците во рамки на инфо-деновите кои неделава ќе бидат организирани и во други општини покрај Желино и Теарце, презентирани ќе бидат и мерките 3 и 7. мч/са/