Утрински Весник
Македонија

Се реализира урбанистичкиот план за индустриската зона Ила во Виница

Се реализира урбанистичкиот план за индустриската зона Ила во Виница

Виница, 2 март 2019 (МИА) – Локалната самоуправа на Виница ја почна реализацијата на обврските што ги презеде со Деталниот урбанистички план за индустриската зона Ила, како една од најатрактивните локации во близина на градското подрачје.

Во завршна фаза е обезбедувањето сообраќаен пристап до зоната, во која покрај стопански и други објекти, наскоро ќе почне изградбата и на колективна станбена зграда за семејствата во социјален ризик.

– По пробивањето и завршените подготвителни работи, денеска ја асфалтираме сервисната улица во месноста Ила, со што се создаваат услови за пристап до веќе изградените објекти, што согласно законските прописи претходно беа легализирани. Освен тоа, ќе овозможиме во иднина да се изградат и нови објекти, со оглед што според ДУП-от овде се предвидени капацитети за лесна и незагадувачка индустрија. За десетина дена очекуваме овде да биде ставен и камен темелникот на првата социјална зграда во нашата општина, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Паралелно со уредувањето на инфраструктурата во месноста Ила, Општината го реализира и проектот за реконструкција и проширување на патниот правец од Виница до селото Градец во должина од три километри.

Градоначалникот Димитров информираше дека со „Проектот за поврзување на локални патишта”, за кој денеска во Владата беше потпишан меморандум за соработка, општина Виница ќе добие близу 800 илјади евра со кои во наредните пет години ќе ја подобрува локалната патна мрежа. та/цр/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

„Велибор Манев рече дека тука има закопано човек, на едно место покриено со гранки“, сведочат полицајци

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство