Штип, 2 март 2020 (МИА) – Штип по 65 години доби нов мост на реката Брегалница, кој е единствениот патнички лачен мост. Новиот мост и мини обиколницата од улицата „Борис Крајгер“ до новиот кружен тек на булеварот „Гоце Делчев“ денеска беа свечено пуштени во употреба, а на настанот присуствуваа и техничкиот премиер, Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила, Царовска, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалници од целиот источен регион.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски рече дека овој капитален проект за градот Штип ќе ја има функцијата да го растерети сообраќајниот метеж на градот, а директно ги спојува населбите Пребег и Сењак. Новиот мост на реката Брегалница се вика „Иднина“.
–Само металната конструкција е со тежина од 240 тони, а заедно со сите останати елементи мостот има тежина од 670 тони. Мостот има две коловозни ленти, тротоар за пешаци, должина од 60 метри и широчина од 10 метри.Заедно со овој мост ја изградивме и сообраќајницата која завршува со кружен тек на булеварот Гоце Делчев, во должина од 1.200 метри на која поставивме 8.400 метри квадратни асфалтна површина. Целата инвестиција на улицата, мостот, кружниот тек и уличното осветлување изнесува нешто над 60 милиони денари, инвестиција на Општина Штип, рече Бочварски.
Техничкиот премиер, Спасовски потенцираше дека она што е многу значајно е што локалната самоуправа, градоначалникот и Советот на општината, овој проект го реализираа целосно со пари од Буџетот на градот, односно од парите на граѓаните на општината. Забележа дека ова е домаќински проект, од интерес за општината и за нејзините граѓани и какошто рече тие можат сега да се уверат во тоа.
-Тоа ми дава за право дека Штип добива модерна сообраќајна инфраструктура изготвена и реализирана, според потребите на граѓаните, меѓутоа според европски критериуми и вредности. Едноставно Штип се гради, како европски град. Локалната власт после 65 години пушта во употреба мост на река Брегалница, единствен од ваков тип во државата, рече Спасовски.
Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за економски прашања, Мила Царовска истакна дека мостот не само што ги поврзува двете населби, туку тоа е и можност за поврзување и побрзо движење на граѓаните, како и за транспорт на стоката на бизнис секторот во општината.
-Но, дополнително олеснување на животот на сите граѓани на Општина Штип. Она што може да се истакне е дека навистина ваквиот тип на поврзување, олеснување, создавање на инфраструктурни објекти, мостови директно влијае на подобрување на економската состојба на општините. Ние како Влада покажавме дека со план градиме, со план инвестираме во сите општини, се со цел да постигнеме добар локален економски развој, вели Царовска.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање забележа дека Општина Штип е важна крстосница на истокот и затоа како Влада се максимално фокусирани на подобрување на патната мрежа, а инвестициите во источниот регион надминуваат 300 милиони евра, што е околу една третина од вкупните инвестиции во инфраструктурата во земјава.
– Би споменал дека комплетно ја завршивме изградбата на автопатот Скопје-Штип. Многу забрзано се работи на изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш, за што посебно сум задоволен. Во меѓувреме го рехабилитиравме регионалниот пат од Штип до радовиш, од радовиш до Подареш, потоа патот кон Злетово. Активно се работи на изградба и на експресниот пат од Штип до Крупиште и Кочани, вели Сугарески.
Посочи дека завршена е и рехабилитацијата на патништа од Злетово до Пробиштип и од Кадрифаково до Штип, а нагласи дека денеска со потпишување на меморандумот за соработка со Штип на општината и се даваат на располагање 1,2 милиони евра за реконструкција на улици и патишта во општината, а во рамките на проектот „Македонија без кал“. вдј/нд/