Велес, 2 март 2020 (МИА) – Пред студентите на Технолошко-техничкиот факултет во Велес, кој е дел од битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), беше претставена Еразмус програмата.
Проректорот за студентски работи на УКЛО, проф. д-р Марјан Ѓуровски, студентите ги насочи и едуцира за формите на студентско организирање со цел да ги остварат своите потреби и барања во текот на студирањето.
Студентите најголем интерес пројавија за „Еразмус плус“ програмата, која овозможува студиски престој и усовршување на некој од европските универзитети, но со повторно враќање дома, а тие побараа да имаат и поголема пракса при студирањето. Ѓуровски посочува дека тие како универзитет ќе се залагаат за подобра кординација помеѓу факулетот, фирмите и локалната власт за да се види кои се нивните потреби и барања и истите подобро да комуницираат во таа насока.
Ѓуровски појасни дека „Еразмус плус“ програмата овозможува поголема размена на наши студенти во земјите партнери од ЕУ за еден семестар да учат и полагаат одредени предмети и на тој начин да го надоградат своето знаење и пасошот и индексот да им служат за заминување и повторно враќање дома и да го споделат своето искуство.
– Особено студентите на Технолошко-техничкиот факултет имаат потреба од зголемување на практичната работа во Велес. Во таа насока, Ректоратот и Деканатот во Велес и општината очекуваме заеднички да работиме на акционен план каде ќе го видиме и интересот на бизнис-заедницата за поголемо учество на студентите во практичната работа на фабриките и другата бизнис-заедница во Велес и околината, Скопје и Пелагонискиот регион, појасни Ѓуровски.
Тој нагласи дека особено е значајно што Технолошко-техничкиот факултет има студиски програми од нутриционизам и прехранбена индустрија, кои ги нема на дел од државните универзитети и затоа очекува преку поголемо присуство во јавноста и средните училишта да се зголеми интересот за овие студиски групи.