Скопје, 2 март 2020 (МИА) – Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната средба со претставници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и на Здружението на професори по француски јазик на Република Македонија по повод одбележувањето на 50-годишнината од формирањето на Меѓународната организација на Франкофонијата, ја прифати поканата да биде покровител на франкофонските активности во нашата држава во 2020 година.
На средбата професорките го информирале Претседателот за активностите на здружението во пресрет на одбележувањето на 20 март – Меѓународниот ден на франкофонијата и на 50-годишнината од формирањето на Меѓународната организација на Франкофонијата, за статусот на изучувањето на францускиот јазик и култура во земјава, како и за едукативните и културните активности на здружението во воспоставувањето на македонско-француските врски.
Како што соопштија од Кабинетот, претседателот Пендаровски го истакнал значењето што Република Северна Македонија го дава на членството во Франкофонијата, преку прифаќање на темелните принципи и вредности на оваа организација, кои се во корелација со стратешките определби на државата за членство во Европската Унија и во НАТО.
Во тој контекст, Пендаровски се осврнал и на поставувањето на амбасадорот Пајо Авировиќ на должноста специјален пратеник на претседателот на Република Северна Македонија при Постојаниот совет на Меѓународната организација на Франкофонијата кон крајот на минатата година. цр/сп/