Скопје, 2 март 2020 (МИА) – Градинката „Мимоза“ во скопската населба Кисела Вода каде се згрижени околу 190 дечиња доби енергетски ефикасна фасада. Сменети се и вратите и прозорците на градинката.
Средствата за реконструкција на градинката се обезбедени преку проектот за подобрување на општинските услуги што го спроведува Министерството за финансии со поддршка од Светска банка.
– Проектот е со поддршка од 4,7 милиони денари и благодарение на ова не само што ќе се плаќаат помалку средства за загревање, туку ќе се овозможи и константна температура за 190 дечиња. Инвестициите во човечкиот капитал се неопходни за да се подобри продуктивноста на населението на долг рок. Градинките, односно предучилишната грижа, се од големо значење, бидејќи тука е првиот контакт на децата со институциите и нивниот вовед во образованиот процес. Предучилишното образование е значајно за социјализација на децата, за стекнување самодоверба, когнитивни вештини, како и основа за понатамошниот образовен процес, особено ако се земе предвид дека најголем дел од развојот на мозокот на децата се случува до возраст од пет години, рече министерката за финансии Нина Ангеловска која заедно со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски денеска ја посетија градинката.
Според градоначалникот Темелковски, со направената реконструкција се подобрени условите за престој во оваа предучилишна установа.
– Преку овој проект ќе имаме многу подобри услови и за децата и за воспитувачките и негувателките кои секојдневно поминуваат половина од својот работен ден во оваа установа, рече Темелковски.
Преку проектот за подобрување на општинските услуги во тек се активности во уште пет градинки, една во Центар која се очекува да биде готова до средината на месецов и четири во Гостивар кои треба да бидат готови до крајот на месецов. Со реализацијата на овие проекти се очекува да се подобрат условите за престој на околу 1 100 дечиња.
Во претходните две и пол години преку овој проект се реализирани 160 проекти во 80 општини во вкупна вредност од околу 30 милиони евра. Дел од средствата се инвестирани во реконструкции на детски градинки, а поголем дел се вложени во капитални проекти со кои се подобрени услови за живот во општините. бак/лв/