Скопје, 1 март 2020 (МИА) – Пораката што ја праќа денешниот празничен ден го одредува патот на нашето внатрешно и меѓусебно помирување и ни помага во градењето на заедница на граѓани исполнети со љубов кон другиот и со меѓусебно почитување. Тоа е концепт што носи добро за сите, наведува претседателот на Владата, Оливер Спасовски во обраќањето до јавноста по повод празникот Прочка.
– Почитувани граѓани и православни верници, денеска е празникот Велики поклади – Прочка. Празникот на искрената и пожртвувана љубов кон ближните. Празничен ден кога бараме прошка и кога со тој голем дар ги отпочнуваме деновите на големиот велигденски пост, како подготовка за најголемиот православен христијански празник, вели Спасовски во пораката.
Тој на сите православни верници им честитам денешниот празник и им посакува добро здравје, духовно помирување и обединување околу вистинските вредности на мир, пријателство и меѓусебно почитување што ги носи овој ден.
– Овој празник повикува и на тоа да ги оставиме зад нас делбите и конфликтите. Нѐ повикува да се подготвиме за уште посилно да продолжиме да градиме интегрирано општество во кое различностите се богатство за стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани, нагласува Спасовски.
Тој во обраќањето посочува дека пред нас е време на лична и општествена одговорност и затоа треба да почитуваме за да бидеме почитувани, да простуваме и да ни биде простено.
– На сите граѓани што денеска го празнуваат и му се радуваат на овој ден им посакувам среќен празник – Прочка. Имајте убав и спокоен празничен ден, а деновите пред вас до Велигден, нека ви поминат во радоста на простувањето, истакнува премиерот Спасовски во обраќањето. сп/