Утрински Весник
Македонија

Четири часа пеш на Февруарски поход

Четири часа пеш на Февруарски поход

Кавадарци, 29 февруари 2020 (МИА) – Четири часа пеш по шумски пат, но и козји патеки, чекорење во рамките на традиционалниот планинарски марш, Февруарски поход низ убавините на кавадаречко, на повеќе од триесет километри од Кавадарци, а на десетина километри од светски познатиот рудник Алшар и македонско-грчката граница. Маршутата од месноста Мушов гроб до село Мрежичко преку местото викано Васов град и по течението на Мрежичка Река, долга околу 15 километри, ја изодија околу 250 планинарки и планинари, од најмала возраст, до длабока старост. Од сите краеви на земјава, но и од странство. Многумина беа пријатно изненадени од огромното присуство на деца и млади на маршот, кој се одржува во чест и спомен на славниот Февруарски поход на Македонската народноослободителната војска, која во февруари 1944 година извршила оперативни дејства на територијата на источна, централна и западна Македонија, за време на Втората светска војна. Походот, традиционално со години наназад,  го организира планинарско спортското друштво ,,Орле“ од Кавадарци. Во планинарскиот дом во Мрежичко  не пречекаа извонредно планинарско гравче и благодарници за учество. Благодарниците ќе сведочат преку напишаното во нив, а за  вкусот на гравчето, богами, ќе се прераскажува од планинар на планинар.

Во селото со куќи без оџаци

Дел од куќите во кавадаречкото село Мрежичко немаат оџаци. Во горниот дел од одаите се направени дупки и во нив се сместени сулинарите низ кои чадот од ќумбињата оди надвор. Оваа своевидна “мода” ја регистрирав уште многу одамна, кога првпат  бев таму. Минувајќи покрај куќата на сега 85-годишна мрежичанка  која поради староста заминала да живее во градот, се сетив дека  своевремено ја затекнав како со стап прета во огинот што го беше запалила,  за да ги избрка болвите од сопствениот двор.

-Да, баш како што викаш, им објавив војна на болвите. Ги има многу. Кучињата и мачињата шетаат по стари и напуштени куќи кои немаат оџаци, ама се легла на болви па ги носат наваму. Син ми прво размеша етиол и вода и со метла ги попрска животните и дворот. Потоа јас ставив етиол со вода во еден леген и внатре се издавија околу двеста. Ако фатам некоја да ме лази по ногата, веднаш во легенот ја ставам. Ама пак ги имаше, па запалив оган. Како летаат, да ги фати пламенот та да ги изгори, ми  објаснуваше бабата.

Покажувајќи ми ги бавчата и китките кои самата ги одгледуваше, внимавајќи некоја болва да не дојде кај мене, ми кажа дека пред неколку години со дедото се вратиле во селото од кое своевремено се иселиле. Тука “авата” им била поубава.

И Митра Крстева со својот сопруг,  од градот се вратиле постојано да живеат во Мрежичко. Не и пречи тоа што е селото испустено, што во него постојано живеат само неколкумина,  што со години нема продавница. Се пофали дека јадат здрава храна. Ми кажа дека порано вриело од стока, а до пред неколку години од горно до долно маало се шетале само нејзината крава Џина и магарицата Мара која своевремено  беше втора на трката со магариња за време на “Тиквешкиот гроздобер”,  па потоа  тренираше  за следната година  да биде најбрза на натпреварот. Но сега ги нема и кравата и магарицата. Во селото сретнавме и туристи кои беа дојдени на чист воздух и традиционални тиквешки специјалитети. Крај блискиот рибник тие имаа можност да пробаат вкусна пастрмка печена на жар.  Крстева  рече  дека се надеваат дека туризмот ќе заживее, особено сега откако  се асфалтираше  оштетениот пат до Мрежичко.

-Доколку туристите зачестат, ќе се вратат тие што некогаш се иселија, или нивните деца. Е тогаш можеби и ќе направат оџаци на куќите или пак ќе ги остават така, како атракција за оние што доаѓаат. Како и да е, Мрежичко заслужува да живее. Засега само капацитетите за вода и пиво и рибникот, како и планинарите   му го продолжуваат животот, рече Крстева во изјава за МИА.

Римските бањи како лек

Топла вода извира во пазувите на планината Кожуф, во близина на Мрежичко, на локалитетот наречен Римски бањи.

-Од колено на колено во селото се прераскажува дека некогаш таму навистина имало римски бањи во кои Римјаните оделе на бањско лекување и се лекувале од разни болести со топлата вода која извира од земјата. За време на двете балкански војни, пак, со топлата вода плускавиците ги лекувале војниците од многубројните војски кои војувале на Солунскиот фронт кој се протегал во близина. Дури и реката која тече блиску до изворот се вика Топлик, а долот, Топли дол, ми имаа раскажано  мрежичани.

Топлите римски бањи се атракција во Мрежичко која и те како може да биде искористена во функција на туризмот.  Се интересирав дали тие можат повторно да заживеат во селото. Ми беше кажано дека во  моментов постои компанија која има добиено концесија за истражување на термални води баш во атарот на римските бањи. Се раскажувало  дека водата има многу благопријатни офталмолошки дејства. Се прави план за геолошки истражувања на термалната вода, елаборат и проценка. Првичните проценки се дека на 200 до 300 метри бушотина, треба да се извади вода од 40 до 45 степени. Ако се постигне тоа, значи има предуслови да се направи бања, како приватна инвестиција, за да се искористи тој ресурс. Ако тоа се постигне, Кавадарци покрај вински, рурален,  планински, езерски, може да развива и бањски туризам. Во отсуство на море, овде се повеќе се зборува за море од лозја,  во најголемиот лозарски регион во државата.

Кога вишокот килограми ќе го ублажат падот на мраз

Време, за мерак, какво што секој од нас посакува. Се чувствував како да сум во некој волшебен свет во кој магично се менуваат сите годишни времиња. Уживаа сите сетила. Час го слушав коцкањето на снегот под нозете, па се радував на секоја нова качунка која се појавила како предвесник на пролетта, им се насмевнував на сончевите зраци кои ме галеа по лицето. Човек да не знае што е поубаво. Дали чекорењето по белата снежна покривка на поосојните делови, или шумот што се создава додека ногата стапнува на долгиот килим од кафеави лисја, кои останале откако снегот се стопил на некои појужни места. Изобилство од зизмзелени и листопадни дрвја, прекрасни пејзажи на мајката природа, која со своите вешти уметнички раце направила мов и повит, со кој облекла земја, дрвја, камења. Немаше планинар кој не им се радуваше на мразулците кои гордо му пркосеа на сонцето, иако се топеа,  капка по капка, создавајќи прекрасна балада. Слушнав и најразлични приказни за темната пештера, која е атракција плус за овој крај.

Прекрасно е да се биде дел од една планинарска дружина. Со луѓе кои го сакаат планинарењето, никогашп нема да ти биде здодевно. Планинарите се главно духовити  луѓе, кои шират позитивна енергија наоколу. Колку и да си тажен, тие ќе те развеселат, секогаш ќе најдат начин да ти покажат дека здравјето е сепак најважно од се и дека малите нешта ги хранат големите срца. Бројни згоди и незгоди, анегдоти, го одбележаа и овој планинарски марш, кои ќе останат запаметени и ќе се прараскажуваат низ годините. На походот кон Мрежичко, во колоната планинари,  често можеше да се сретне некој со име Даниела, или Блаже.

Светлана Дарудова

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме