Утрински Весник
Македонија

Да се почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, се чека лабораторискиот резултат за возачот на комбето

Патникот од Дубаи нема коронавирус

Скопје, 29 февруари 2020 (МИА) – Граѓаните треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, а тие кои имаат симптоми да се јават на телефонските броеви на здравствени служби. Дел од препораките опфаќаат задолжително и често миење на рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката. По употребата марамчињата да се фрлаат во затворени канти, а при кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете…

Засега единствена заразена со коронавирус е веќе хоспитализираната пациентка на Клиниката за инфективни болести во Скопје, која со комбе допатува од Милано во државава. Таа се чувствува добро, и според лекарите, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, веќе влегува во фаза на оздравување.

Во соба за изолација во Општата болница во Струмица од вчера е возачот на комбето со кое допатува од Италија заразената, а кој сам пријавил дека има симптоми на кашлица и болки во градите.

– Земени се материјали за анализа и тие во следните часови ќе бидат изработени во лабораторија во Скопје, по што ќе ја информираме јавноста. Тој бил сам дома, немал контакти ниту со семејството и сам ја контактираше нашата служба. Кога ќе стигнат резултатите ќе одлучиме каде ќе се лекува. Доколку резултатот е негативен ќе продолжи да се лекува во Инфективното одделение таму, не во изолација, а доколку е позитивен ќе се префрли во Инфективната клиника во Скопје, истакна Филипче.

Единаесет лица од кои две деца кои биле во контакт со пациентката која е на Инфективната клиника, се во домашна изолација. Извршени беа тестирања за коронавирус на неколку луѓе, вратени од Италија, чии резултати беа негативни.

Министерот Филипче смирува дека нема простор за паника, будно се следи ситуацијата од страна на експертите епидемиолози од Комисијата за заразни болести. – Во секој момент сме спремни одлуката да се надгради, да се воведе нешто друго доколку треба и на истиот начин и за викедот ќе продолжиме да ја информираме јавноста за се што се случува, рече Филипче.

Останува во сила препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа бидејќи тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.

Владата вчера препорача откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации до 6 март со цел превенција на ширење на коронавирусот.

Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп“ и сите слични. Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации, соопшти владината прес-служба.

Владата препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести, а ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства да направат увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано зголемување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Владата го задолжи МВР до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб. Еден од заклучоците на владината седница е и одлуката да се воспостави соработка со Црвениот крст и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.

Коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба“.

Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хроинично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај пет проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу два процента. рп/скс/

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег