Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Првиот телевизиски дуел меѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски почна со жестока дебата за состојбите во правосудството и Законот за јавно обвинителство.
Заев во дуелот на емисијата „Само вистина“ на Канал 5 кажа дека не се согласува со тврдењата дека со Маршот за правдата што го организира СДСМ, потврдиле дека потфрлиле на главното ветување дека ќе ја донесат правдата.
-Апсолутно не. Демонстриравме борба до крај додека сите вредности не бидат и практично воспоставени. Со Маршот за правда упативме порака дека ја завршивме работата до крај, дека извршната и парламентарната власт ја завршија работата, а сега народот по донесување на Законот за јавно обвинителство очекува практична примена на законите, рече Заев.
Во дебатата тој истакна дека судиите и обвинителствата се независни институции, и дека власта не се меша во нивната работа, како пред 2017 година. Им порача на судиите дека нема да се дозволи да застарат предмети, да се враќаат повторно од почеток, да се чуваат во фиока.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека се чуди на конфузната изјава на Заев кога вели дека не се согласува дека имале три години за реформа во правосудството, кога тој лично го водел телото за реформи.
-Многу е доблесно да кажете дека сте погрешиле, рече Мицкоски.
Според него, ако порано судството беше познато како Сваровски судство, денеска е Луи Витон судство. Мицкоски го спомена последниот предлог за член на Судскиот совет, посочувајќи дека станува збор за активистка на СДСМ.
За обвинувањата дека за Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му рече на Заев дека е опкружен со соработниците на Груевски и оти тој нема контакти со него.
-Господине Заев се возите во мерцедесот на Груевски, тоа на М се сеќавате. Седите во барокната фотелја и во неговиот кабинет, седевте до скоро, се надевам дека нема да ја имате повторно таа можност. Опкружени сте со соработниците на Груевски, официјално и неофицијално, тие што се во вашиот скут. Вие сте опседнати со Никола Груевски. Оставете го Никола Груевски, ајде да зборуваме за тоа што е тема, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во една од репликите до Заев, му рече дека тој по изборите на 12 април ќе одговара за тоа што го правел, дека барал амнестија за себе и за своите соработници со Законот за јавно обвинителство.
-Вие барате амнестија, но тоа нема да се случи. Ќе одговараат сите оние кои се огрешиле пред законот. Барате амнестија за вас и вашите соработници после 12-ти април. Ако се огрешиле пред законот, ако барале евро за евро, кои интервенирале кај судии, злоупотребиле моќ да одговараат, за кои постојат докази да бидат изведени до крај, до крај господине Заев, но овој закон тоа не го одобрува тие како за вас и оние околу вас. Ќе одговарате, рече Мицкоски.
Тој прочита дел од Законот за јавно обвинителство односно членот 110 од Законот.
-Навистина не можам да го разберам, дека е објективно дека гарантира правда, правичност, но еве ќе си дозволам пред вас да го прочитам членот 110 од овој Закон, став 1 вели „јавното обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали„. Каде е тука јавниот интерес? Каде е тука Судот за човекови права во Стразбур, праша Мицкоски.
Според него, има многу случаи во коишто и нелегално стекнат материјал поради јавен интерес и основано сомнение се земаат како докази за криминал.
-Да ги читам став 2 и став 3? Знаете што е дефиниција за заробена држава, кога се прави закон за определена група на луѓе. Законот вика исклучок од овој член се предметите од јавното обвинителство поранешното СЈО кои што се поднесени до 30 јуни, а се што е после 30 јуни може да се користат само како индиции и да не може да се заснова обвинителен акт. Во Законот за кривична постапка се вели дека доказите што се доставени, стекнати на нелегален начин, не може да бидат третирани како докази. Како ќе суди судијата господине Заев, како вие што ќе кажете, по принципот на „трас трас“ или по принципот „оваа одлука без Заев не можеше да се донесе“?, рече Мицкоски. ев/ац/