Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска присуствуваше на македонско – бугарски бизнис форум во Куманово на кој изрази уверување дека тој ќе придонесе кон унапредување на соработката меѓу двете бизнис заедници и ќе даде позитивен инпут на стопанството.
Осврнувајќи се на деловниот амбиент и економските политики, Апостолска нагласи дека Владата во изминативе две и пол години успеала да изгради атрактивно, стимулативно и предвидливо деловно опкружување во кое на компаниите, независно дали се со домашен или странски капитал, им се обезбедува пристап до сериозна финансиска поддршка, на транспарентен начин со правни процедури и акти, кои се јавни и достапни.
– Развивме и имплементиравме низа комплементарни економски мерки кои овозможуваат значајна финансиска поддршка на бизнис секторот за унапредување и проширување на производството преку инвестирање во нови машини и опрема, во изградба на нови објекти или купување на земјиште, вложување во центри за истражување и развој, за создавање на нови и добро платени работни места, за развој на добавувачки релации на странските компании со домашните и зголемување на конкурентноста, рече Апостолска.
Според неа, на Северна Македонија се гледа како на безбедна и заштитена земја, со силни економски перспективи, со Влада која деловниот сектор го препознава како свој партнер во градењето на севкупниот економски развој.
– Резултатите кои ги остваривме се евидентни, БДП од минус 1,18 проценти во мај 2017 го зголемивме на 3.6 проценти во просек за последните четири квартали. Компаниите се повеќе инвестираат, растат, се развиваат и извезуваат. Трговската размена во 2019 година забележа раст од 10 проценти, извозот на стоки се зголеми за 9,6 проценти, рече Апостолска.
На бизнис форумот присуствуваа и градоначалникот Максим Димитриевски, бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, како и претставници на државни и локални институции. бак/лв/