Утрински Весник
Македонија

МТСП: Згрижувачките семејства добија 30 отсто повисок надоместок, го унапредуваме квалитетот на грижа за секое дете

МТСП: Згрижувачките семејства добија 30 отсто повисок надоместок, го унапредуваме квалитетот на грижа за секое дете

Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Министерството за труд и социјална политика продолжува со активности за подобрување на положбата на децата без родители и родителска грижа и унапредување на квалитетот на заштитата во згрижувачките семејства, како облик кој е најблизок до семејниот, согласно стратешката определба дека на секое дете му е потребно семејство.

Со Одлуката за утврдување на цените на социјалните услуги за вонсемејна заштита за 2020 година, како што информираат од МТСП, месечниот надоместок што го добива згрижувачко семејство за сместено дете се зголемува за 30 отсто, почнувајќи со јануарскиот надоместок, што е исплатен во февруари.

-Со новиот Закон за социјална заштита се воведе и роднинското згрижување како можност. Со новата одлука месечниот надоместок за згрижување дете без родители и родителска грижа изнесува 13.847 месечно, за разлика од претходно кога надоместокот беше 8.688 денари месечно. Надоместокот за згрижување на дете или лице со попреченост изнесува 16.219 денари месечно за лице со попреченост, за разлика од претходно кога надоместокот изнесуваше 11.361 денари. Ова право од социјална заштита го остваруваат 224 згрижувачки семејства, соопшти кабинетот на дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Од Министерството појаснуваат дека на згрижувачкото семејство му е потребен и друг вид поддршка и оти подготовката и изборот на згрижувачки семејства ја врши надлежниот центар за социјална работа.

-По изборот, згрижувачките семејства учествуваат во обуката и добиваат психолошка поддршка. Се прави проценка за секое згрижувачко семејство одделно за точно да се утврди каков вид поддршка му е потребна. Целта на оваа проценка е да се обезбедат сите услови за згрижувачкото семејство да се грижи за лицето на најдобар можен начин. Центарот за социјална работа развива индивидуален план за да му помогне на згрижувачкото семејство да ги реши проблемите како што се постигнување подобри оценки во училиштето, менување на однесувањето и стекнување животни вештини, како и управување со пари, време или простор за живеење, велат од Министерството.

Со процесот на деинституционализација Министерството за труд и социјална политика една година порано од планираното успеа да ги извади сите деца од институциите за долгорочно сместување. Досега низ целата држава се отворени вкупно 22 групни домови во кои живеат стотина деца во атмосфера налик на семејната. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да се грижи за секое дете и да ја јакне јавната свест за потребата, значењето и користа од процесот на деинституционализацијата. Истовремено, велат од МТСП, продолжува преселбата на возрасните корисници од институциите во државата. сст/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи