Утрински Весник
Македонија

Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште

Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште

Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште, во близина на слаткарницата „Рафаело“, долж булеварот „Партизански одреди“. Како што соопштина Општина Карпош, овој јавен простор целосно е уреден со реквизити за деца, клупи за седење и корпи за отпадоци.

Претходно, Општината организираше и анкета за да се утврди интересот на граѓаните за создавање детска зона во овој дел од населбата. Повеќе од 80 отсто од засегнатите жители дадоа „зелено светло“, а денеска се одржа маалска дружба, каде што повозрасните заедно со своите внуци имаа можност да се рекреираат.

Градоначалникот Стефан Богоев најави и други детски игралишта во претстојниот период.

– Следува изведба на детски игралишта и во Карпош 3, во Козле на ул. „Јуриј Гагарин“, Злокуќани, а во финална фаза е и инклузивното игралиште во Карпош 2, на улицата „Веселин Маслеша“, кое го правиме заедно со Градот Скопје. Оваа година Карпош ќе добие уште четири нови детски игралишта, но ќе продолжиме и со одржување на сите останати, замена на дел од подлогите, санација на реквизитите,…  Покажуваме дека јавниот простор може да се користи и за рекреативни цели, за маалски соживот и дружба, рече Богоев.

Една од примарните цели на локалната самоуправа е хуманизација на јавниот простор. Со овие нови, детско – рекреативни зони се добива нов простор за најмладите, во урбаното јадро, на места кои се карактеризираат со повеќе објекти за домување и локали. Маалата, населбите треба да ги задоволуваат потребите на што е можно повеќе граѓани. Хуманизацијата на јавниот простор е во насока на овозможување на содржини, детски катчиња, спортски и рекреативни зони за сите карпошани.

Општина Карпош ги повикува сите граѓани на правилно користење на урбаната опрема, клупите, корпите за отпадоци, реквизитите наменети за деца.

-Овие проекти се прават со пари на граѓаните, со што одговорноста за векот на траење на овие игралишта е кај сите нас, наведуваат од Општина Карпош. мч/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Таравари: Има информации за мала концентрација формалдехид во салите, но, официјално сѐ уште немаме ништо добиено

Затвореник од Идризово излегол на викенд и се обидел да ограби спортска обложувачница во Центар

Митева: Лотарија на две фирми, едната од Струмица, другата од Скопје незаконски им доделила лиценци за игри на среќа