Утрински Весник
Македонија

Клухе за МИА: Нема место за паника, само пет отсто од заболените од коронавирус се во критична состојба

Клухе за МИА: Нема место за паника, само пет отсто од заболените од коронавирус се во критична состојба

Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Подготвеноста на властите во справувањето со корона вирусот е одлична. Им честитам на властите, бидејќи Северна Македонија направи проценка на капацитетите дали има доволно човечки ресурси и инфраструктура, дури и пред да се појави првиот случај на болеста. Ова во интервју за МИА го изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клухе, кој е во посета на земјава.

Според него, Северна Македонија ги применува сите стандардни оперативни процедури на влезните точки, вклучително и на меѓународните аеродроми.

На прашањето на МИА дали има место за паника, и колкава е смртноста од корона вирусот во споредба со сезонскиот грип, Клухе вели дека нема причина за паника.

– Ќе бидам директен, му се обраќам на прекрасниот народ на оваа земја – не постои причина за паника. Јас како специјалист за инфективни болести имам целосно разбирање за загриженоста на луѓето за нивното здравје и здравјето на нивните семејства. Вирусот е нов, затоа имаме сериозен пристап. Но, треба да запомниме – денеска има 81.000 случаи, од кои 97 отсто се во Кина, а останатите три надвор од Кина, во 47 земји, рече Клухе во интервјуто за МИА.

Вели дека од пет пациенти, секој четврти или 80 отсто има благи симптоми и заздравуваат успешно, кај 15 отсто има посериозни симптоми, а само пет отсто се во критична состојба.

– Смртноста од сезонски грип е сепак помала, но да не заборавиме дека според проценките, секоја година 60.000 до 70.000 луѓе умираат од сезонски грип за кој имаме развиено вакцина со висока ефектност. Мојата порака е – нема простор за паника.

МИА целото интервју заедно со видеоматеријалот ќе го објави утре. нд/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ОЈО бара снимки за националистичките скандирања во Куманово

Мицкоски утре на поставување камен темелник на спортска сала во Воената академија

Нови пожари низ Македонија, гори кај Ваксинце, Богомила, Милетино и Церово