Утрински Весник
Македонија

По 27 години реновирана метеоролошката станица во Лазарополе

По 27 години реновирана метеоролошката станица во Лазарополе

Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Енергетски ефикасен објект, нови наместо дотраени прозорци, обновена електрична инсталација и обновен енетериер. Вака денес изгледа метеоролошката станица во Лазарополе која е реновирана по 27 години.

Метеоролошката станица во која по речиси три децении се обезбедени пристојни услови за работа, денеска ја посети министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски. Тој беше придружуван од директорот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Ивица Тодоровски.

Реновирањето го спроведе УХМР минатата година, со средства од Програмата за рурален развој.

Метеоролошка станица е изградена во 1993 година. Сега е опремена со современи инструменти за мерење на метеоролошките параметри, а во нејзиниот двор е поставена и автоматска метеоролошка станица.

УХМР преку Програмата за рурален развој во изминатите две и пол години реновира девет метеоролошки станици од вкупно 18. Освен оваа во Лазарополе, реновирани се и метеоролошките станици во Крива Паланка, Штип, Демир Капија, Берово, Виница, Претор, Охрид и Пожаране. Воедно се поправи и се надгради радарскиот систем Ѓуриште, кој е наменет за создавање радарски систем за рана прогноза и предупредување од опасни временски појави и е од исклучително значење за детектирање и следење на облачните маси кои предизвикуваат големи временски непогоди и рано откривање на конвективна облачност.

Според МЗШВ, за оваа година се обезбедени 60 милиони денари за разбивање градоносни облаци со авионско засејување. Тендерот е завршен, се избра најповолен економски понудувач и од 15-ти април се очекува почнување на активностите. мч/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Невреме во Скопје, продолжува кон Велес, Штип, Крива Паланка…

Неколку лица повикани на разговор во полициска станица во врска со инцидентот во Куманово

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за европски прашања и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС)