Ресен, 27 февруари 2020 (МИА) – Општина Ресен ја утврди програмата за одбележување на значајни настани и личности од таа општина за 2020 година, со што продолжува традицијата на негување и афирмирање на материјалното и духовно наследство, како и чување, афирмирање и јакнење на историскиот идентитет на Општината.
Според програмата, на 7 април ќе бидат одбележани 110 години од раѓањето на Кераца Висулчева, македонска сликарка која целото свое творештво од над 500 дела, слики, пастели, акварели и скулптури го отстапи со аманет нејзините дела да не се продаваат и да бидат на увид на македонската и светската јавност.
– Во текот на годината ќе одбележиме годишнина од смртта на Ахмед Нијази Беј, еден од предводниците на младотурската револуција, 117 години од смртта на Гоце Делчев, годишнини посветени на војводата Славејко Арсов, народниот херој Мите Богоевски, Јосиф Јосифовски Свештарот, Мите Трповски војводата, 1006 години од смртта на Цар Самоил чија прва престолнина била во Преспа, како и 68 години од смртта на Христо Татарчев, еден од основачите на македонската револуционерна организација, информираат од Општина Ресен.
Во текот на годината локалната самоуправа ќе организира одбележување на поважни настани од светскиот календар на настани, меѓународниот празник на жената, денот на пролетта, Ден на Европа, денот кога се формира партизанскиот одред „Даме Груев“, како и државни и верски празници.
– Според востановената традиција во Ресен со посебна програма и оваа година ќе се одбележи верскиот празник Иванден кој на посебен и оригинален начин се одбележува во Преспа, а на 11. септември со свечена седница Општина Ресен ќе го одбележи денот на ослободувањето, нагласуваат од тамошната локална самоуправа.
За реализација на програмата за одбележување на значајни настани и личности од Ресен обезбедени 354.000 денари, финансиски средства од општинскиот буџет. мт/сп/