Гостивар, 27 февруари 2020 (МИА) – СВР Тетово започна со практична реaлизација на нов превентивно-едукативен проект „Не биди жртва на социјалните мрежи-сурфај безбедно“ за да бидат предупредени од опасностите и да се заштитат од злоупотреби.
Со проектот чиј носител е Отсекот за превенција ќе бидат опфатени над 3.500 деветтооделенци од сите основни училишта на тетовско-гостиварското подрачје, кои следат настава во над 200 паралелки, додека за неговото спроведување задолжени се дваесет претходно обучени полициски службеници.
-Во рамките на проектот, кој се планира да трае до крајот на идниот месец, предвидени се посебни предавања во училиштата, на кои на учениците ќе им биде објаснето како и со кого да комуницираат на социјалните мрежи, а тие да не бидат злоупотребени, но и ќе им се советува да бидат максимално претпазливи во комуникацијата, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
На учениците, за време на спроведувањето на проектот ќе им се укаже да не испраќаат нивни фотографии и видео материјали на непознати лица и особено не фотографии со експлицитна содржина. Основците ќе се предупредат и на можните ризици од нивно учество во видео-игри со елементи на насилство, самоповредување или други содржини на насилно и непримерно однесување. Целта на проектот е учениците поблиску да бидат информирани за можните злоупотреби на социјалните мрежи и ефикасно да се самозаштитат од истите.згм/са/