Утрински Весник
Македонија

Коронавирус и кај нас, граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита

Пациентката со коронавирус во добра состојба, идентификувани другите патници во комбето

Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Во земјава вчера беше потврден првиот случај на коронавирус. Според надлежните, простор и причина за паника нема. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат сите неопходни мерки согласно меѓународните протоколи. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, да се однесуваат одговорно и да не шират дефетизам, посебно не на социјалните мрежи.

Пациентката кај која е утврден корона вирусот е скопјанка, родена во 1970 година. Одреден период престојувала во Италија, а допатувала вчера утрото во три часот преку граничниот премин Табановце, превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица. Поради симптомите кои ги чувствувала, семејството веднаш ја донело на Клиниката за инфектологија. Моментно е хоспитализирана таму, на Одделот за интензивна нега и изолација. Како што соопшти синоќа министерот за здравство Венко Филипче, пациентката е во добра општа состојба, зафатено и е само едното белодробно крило и нема потреба за механичка вентилација.

Во меѓувреме, идентификувани се и лицата кои биле со заболената скопјанка во комбето. Вкупно се девет, осум патници и еден возач. Тие се веднаш ставени во домашна изолација, а денеска ќе се знае дали изолацијата ќе продолжи во домашни услови или лицата ќе бидат префрлени во претходно одредените инфективни одделенија за надзор.

Во однос на првиот потврден случај со коронавирус, д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје уверува дека едно позитивно лице не претставува ризик за населението. Според Караџовски, граѓаните може да бидат мирни. Медицинските служби се дежурни 24/7 и способни за само половина час да направат соодветна екипа која би реагирала веднаш.

-Институциите се подготвени да реагираат веднаш. Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство. Во овој момент е многу важно свеста кај сите да биде на високо ниво во однос на препораките, но и во однос на одговорното однесување, посебно на социјалните мрежи. Да не не поведуваат емоциите, туку разумот и да не оставаме простор за панични реакции пред она што е реално, рече вчера премиерот Оливер Спасовски.

Министерот Филипче апелира компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот. Уште еднаш апелира и да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба. Во однос на заштитните маски, повтори дека претставуваат дополнителен ризик за здравите луѓе и дека е најдобро да ги носат здравствените работници, а за нив засега има доволно маски.

На Инфективната клиника вчера беа извршени тестирања кај уште две лица, но  резултатите покажаа дека тие немаат коронавирус. Станува збор за наши граѓани кои изминатиов период патувале во Италија, а вчера сами се пријавиле на Клиниката.

Владата претходно формира координативно тело, а состанок одржа и Комисијата за заразни болести на кој беа потврдени заштитните мерки. Обезбеди и соодветни објекти, како и простории за дополнителна изолација, ако за тоа евентуално се јави потреба. Потребната опрема и прашалниците што треба да ги пополнат патниците кои влегуваат во државава, се дистрибуирани до аеродромските служби и граничните премини. Почна набавката на дезинфекциски средства за школите, а ќе се дополнуваат и резервите на заштитна опрема за медицинскиот персонал.

Во меѓувреме, поради новонастанатата ситуација со зголемениот број заболени во Италија, присуството на коронавирус во Хрватска, како и потврдениот прв случај во Грција, откажани се сите екскурзии кои ги организираат државните институции, основните и средните училишта.

Според премиерот Спасовски, засега нема забрани за одржувања јавни собири и други случувања на отворен простор. Одлуки во однос на овие и слични прашања ќе се носат на дневна основа, зависно од текот на случувањата.

Активисти на Здружението за заштита на животните и животната средина вчера побараа Владата да воведе задолжителен индивидуален скрининг според протоколите за спречување епидемии за сите патници кои влегуваат во државава, задолжителен 14-дневен строго контролиран карантин за сите патници кои доаѓаат од Италија, Хрватска, Кина, Хонг-конг, Макао, Кореа и други земји во кои има потврдени случаи на коронавирус, како и задолжително ангажирање/приспособување на сите капацитети и обезбедување максимален број простории за третман на заразените.

Шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Џихан Тавила во синоќешното интервју за Македонската телевизија изрази уверување дека земјава е способна и подготвена за многу рано откривање на случаи со коронавирус, за справување со нив, како и за да одговори на потребите за хоспитализација.

Коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба“.

Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хроинично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај пет проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу два процента. .

Во регионот, засега, најголем број случаи со коронавирус има во Италија. Болеста е присутна и во Хрватска, а од вчера е официјална потврдена и во Грција. мч/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер