Утрински Весник
Македонија

Во Македонија храната многу се фрла, а малку се донира

Во Македонија храната многу се фрла, а малку се донира

Нашата држава не е исклучок од светската практика на фрлање на храната која пред истекот на рокот може да се донира за граѓаните од разни социјални групи, од бездомници, до вработени кои поради минималните приходи, не можат да си дозволат повеќе од еден скромен оброк дневно. Или, пак, да се преработи и рециклира.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, ФАО, ја рангира Македонија на 8. место во светски рамки според количествата на фрлена храна, во однос на бројот на жители, при што е утврдено дека најмногу се фрла овошје и зеленчук, а најмалку живина и риба. Податоците што јавно се пласираат покажуваат дека во Македонија годишно се фрла храна во огромни количества кои можат да нахранат околу 13.000 граѓани со три оброци дневно.

„Додека од една страна имаме вишок на храна, истовремено над 400.000 граѓани имаат проблем да си обезбедат доволно храна поради недостиг од финансии и кои, во просек, имаат по еден оброк во денот. Од друга страна околу 30 проценти од произведената или увезената храна никогаш не се користи, бидејќи се расипува веднаш по производството, во текот на транспортот или е фрлена од големите синџири при дистрибуцијата“, посочи Наташа Доковска Спировска, од „Новинари за човекови права“, на завршната конференција на проектот „Мобилизација на заедницата во борба против гладот“, кој се реализираше со поддршка на ЕУ, во рамки на ИПА Програмата.

Целта на истражувањето била да се направи проценка на бројот на компаниите кои имаат волја и можности да донираат храна, како и проценка на количините на храна што би се донирала, а што би било во интерес на разни хуманитарни активности и проекти на организации и институции. Резултатите од проектот наведуваат на неколку клучни работи: дека сопствениците на продавници за храна не се свесни за можностите за донирање, дека е низок степенот на познавање на регулативата и дека нема соодветни мерки на мотивација за донаторите на храна.

Анкетата што се спроведе во рамките на овој проект меѓу производители, маркети и угостителски објекти, при што се контактирале 80 потенцијални испитаници, а на прашалникот одговориле 29, покажала дека најголем проблем во државава е недостигот на информации за состојбата околу донирањето на храна. Од една страна има многу семејства кои не можат да си обезбедат доволен број на оброци во денот, а од друга страна производителите, дитрибутерте и угостителските објекти секојдневно фрлаат храна како непотребен вишок, дури и онаа што е безбедна и може да се употреби.

„Голем проблем е да се утврдат точните количества на вишоците храна, бројот на фирмите кои ја фрлаат, нивните непознавања и пречките со кои се соочуваат при донирањето. Така, на прашањето, дали сте размислувале да ја донирате храната на која и истекува рокот, 10 компании одговориле потврдно, 6 дале негативен одговор, две рекле дека размислуваат за такво нешто, а четири дека порано донирале храна. На прашањето, што правите со храната на која и истекува рокот, а не е потрошена, 6 компании одговориле дека ја фрлаат, по три рекле дека ја враќаат кај дистрибутерите и ја продаваат по намалена цена, до истекот на рокот, а 6 испитаници дале разни други одговори. Околу 45 отсто одговориле дека го селектираат отпадот од храна во посебни контејнери и соработуваат со компании за собирање и рециклирање на отпад, а 38 отсто одговориле негативно“, објасни Доковска Спировска.

Таа додаде дека меѓу испитаниците имало и такви кои рекле дека не знаат зошто би ја донирале храната кога од тоа немаат никакви бенефити, како и дека не знаат кому да ја донираат и како тече тој процес, односно се плашат од дополнителни административни процедури.

Според Душко Христов од „Банка за храна“, доколку се донесе и профункционира Законот за донирање на храна, кој чека да влезе во собраниска процедура, Македонија ќе има вишоци на храна на пазарот. Бидејќи, освен даночните поволности за компаниите кои ќе ја донираат, Законот ќе ја утврди и висината на казните за оние компании кои ја фрлаат, а ќе се прецизира и работењето на здруженијата кои се занимаваат со донација на храна.

Ситуацијата со фрлање на храната е присутна во речиси сите земји. Според извештајот на Европскиот парламент за намалување на отпадот и зголемување на безбедноста на храна, до 2030 година државите треба да ја преполоват количината на фрлена храна. Според Евростат, околу 23 проценти од населението во Европската унија е изложено на ризик до сиромаштија или социјална исклученост, а во исто време се фрлаат околу 88 милиони тони храна годишно.

Анализите на ОН покажале дека на глобално ниво непотребно се фрла или губи околу една третина од храната произведена за човечка потрошувачка, додека годишните економски и придружни трошоци на животната средина што се однесуваат на непотребниот отпад од храна изнесуваат 1,7 трилиони долари.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ

Да ја оспориме неправдата – претседателката Сиљановска Давкова на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство