Утрински Весник
Македонија

Во Делчево организирана првата обука за родова сензибилизација

Во Делчево организирана првата обука за родова сензибилизација

Делчево, 25 февруари 2020 (МИА) – Во Делчево денеска се одржа првата обука со наставниот кадар од градот на тема „Со едукација до родова сензибилизација на наставниот кадар од општинските основни и средни училишта заради давање личен пример и индиректна едукација на учениците“. Обуката како што информираше координаторот на Комисијата за еднакви можности, е дел од програматa за работа на ова тело за 2020 година.
-Оваа наша обука е дел од програмата на Комисијата за еднакви можности на Општина Делчево која програма е дел од двата стратешки документа кои претходно ги усвоивме, а тоа се Стратегијата за родова рамноправност и Акциониот план за родова еднаквост за 2020 година. Во нашите планови и програми имаме предвидено уште девет проекти што се надевам успешно ќе ги реализираме, исто како и денешната обука, рече Петровска.
Едукаторот на обуката д-р Марија Ристеска во улога на експерт во областа на родовите политики изрази задоволство што Општина Делчево самостојно и без поддршка од надворешни институции го спроведува Законот за еднакви можности.
-Од секоја една општина самиот закон бара да се развијат политики, акциски планови и програми кои ќе ја подигнат родовата еднаквост на општината. Оваа мерка која ја спроведуваме е посебна мерка со која се подигнува свеста и знаењето на целиот наставен кадар во Општина Делчево за родовата еднаквост. Наша цел е да го подигнеме знаењето за родовите концепти, да разговараме за методите и начините како да се справуваат со родовите стереотипи во училиницата и на кој начин да воспоставуваат еднакви односи помеѓу момчињата и девојчињата, истакна Ристеска.
На обуката беше потенцирана родовата интеграција во образованието, националните норми за родова интеграција и институционалната рамка, како и ревизијата на знаењата за родовите концепти.
Во Буџетот на Општина Делчево од формирањето на Комисијата за еднакви можности, како што информираше претседателката Јулија Крстевска, годинава прв пат се одвојуваат средства за реализација на активности, предвидени согласно со стратешките планови за родова еднаквост меѓу мажите и жените на Општина Делчево. По завршувањето на обуката предвидено е учесниците да се здобијат со сертификати. вс/вг/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава