Тетово, 25 февруари 2020 (МИА)– На свеченоста по повод одбележувањето на патронатот на тетовската касарна денес беше откриена новопоставената биста на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу. Во знак на сеќавање и почит кон народниот херој Кузман Јосифоски Питу пред неговата спомен бистата во тетовската касарна цвеќе положија повеќе делегации на Армијата, државни институции, сојузи, невладини организации, партиски ограноци и здруженија.
Пригоден говор одржа командантот на тетовската касарна и третиот пешадиски баталјон ппотполковник Изеир Ејупи.
-Се навршија 76 години од смртта на народниот херој Кузман Јосифоски Питу. Тој својот живот го даде за македонскиот народ, за неговите копнежи за слободна и самобитност. Со неговата смрт македонското револуционерно движење изгуби еден од своите најистакнати организатори и раководители, а народот од Тетовско свој соборец и човек кој можеше да ги разбере сите сложености на овој крај. Народот од Тетово и целиот западен дел од Македонија му должи вечна благодарност, истакна Ејупи.
На одбележувањето присуствуваше началникот на Првата пешадиска бригада полковник Дејан Чиплаковски. Дел од настанот беше културно – уметничка програма организирана од учениците од основно училиште „Блаже Конески“ од Скудриње, општина Маврово и Ростуше.
Кузман Јосифовски-Питу е роден на 15 јуни 1915 година, а загинал на 25 февруари 1944 во Скопје. На 2 август 1945 посмртно е прогласен за народен херој. ас/ир