Утрински Весник
Македонија

Милошоски: Сè што поседував ѝ предадов на обвинителката Рускоска

Милошоски: Сè што поседував ѝ предадов на обвинителката Рускоска

Скопје, 25 февруари 2020 (МИА) – Сè што поседував како материјал, транскрипти, аудиоснимка поврзана со поранешниот премиер Зоран Заев, каде што експлицитно се слуша неговиот глас и разговара за влијание во обвинителството и судството, денеска ѝ го предадов на обвинителката Вилма Рускоска, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски по излегувањето од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Тој рече дека како и минатиот пат направиле уреден записник и дека од страна на обвинителката било споменато дека материјалот ќе го обработуваат за да се види која е неговата релевантност.

– Она што е интересно да се напомене е дека има разлика во изјавата што ја даде поранешниот премиер Заев, дека се сомнева оти го снимале некои пратеници со кои соработувал и самиот транскрипт каде што укажувачот напоменува дека разговорот е воден во присуство на две други лица покрај поранешниот премиер Заев, едното опфатено со „Рекет“, а другото Н. Н. лице, истакна Милошоски.

Затоа, како што додаде, Обвинителството најдобро би било ако веќе се спремни да го повикаат Заев да даде исказ за тоа кои биле на тој разговор за да можат присутните доколку се утврди нивното присуство да бидат евентуално и сведоци на  разговорот.

– Или втората варијанта е да се земат снимки од камерите во Владата, каде што според протоколот влезот и во Владата и во кабинетот на премиерот се под постојан надзор од безбедносни причини и со сигурност ќе може да се утврди кој во текот на мај 2019 година бил на разговор на оваа тема за да може да се потврди вистината на овие наводи кои беа доставени, нагласи Милошоски.

Тој повтори дека се работи за анонимен укажувач и дека не располага со било какви други материјали надвор од оние што ги доставив.

– Сметам дека материјалите се релевантни затоа што беа потврдени и од самиот поранешен премиер Заев, а во разговорите се гледа дека има индиции за пркршување на основното правило при владеењето на правото, а тоа е мешањето на извршната во судската и обвинителска власт, истакна Милошоски.

Самиот тој, како што рече Милошоски,  експлицитно кажува дека без Заев не се може, а притоа ги посочива Катица Јанева и Врховниот суд. – Сметам дека тоа се доволни силни индиции за да се почне во најмала рака предистрага а господинот Заев да го каже тоа што смета декат треба да го изјави во овој случај, рече Милошоски.

На новинарско прашање зошто сега, а не порано или подоцна ги објави материјалите, Милошоски одговори дека материјалите што ги добил ги споделил со пратениците, со јавноста и со обвинителството во најбрз можен рок.

– Ниту поседувам нешто дополнително, ниту пак можам да влијаам на анонимен укажувач, кој одбрал начин како со овие материјали да ја запознае јавноста, рече Милошоски и напомена дека материјалите се од висок јавен интерес.

Милошоски завчера на прес-конференција ја објави втората аудиоснимка, во која, како што рече, се слуша гласот на Заев, како тој како премиер донесувал одлуки во име на Врховниот суд и на СЈО и оти бил во дослух со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за сите нејзини одлуки.

Првата „бомба“ Милошоски ја пушти за време на расправата во собраниската Комисија за европски прашања, на која се разгледуваше Предлог-законот за Јавно обвинителство. На снимката, наводно, Заев разговара со друго лице за финансирање на телевизијата на првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски. оџ/дма/

Изјава Милошевски

Posted by MИА.mk on Понеделник, 24 февруари 2020

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер