Утрински Весник
Македонија

Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово го очекува својот дом по децении минати во чести преселби

Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово го очекува својот дом по децении минати во чести преселби

Тетово, 25 февруари 2020 (МИА) – Годинава, кога библиотеката „Кочо Рацин“ од Тетово бележи 75 години од основањето во 1945-та, го очекува и вселувањето во новиот објект, каде што трајно треба да биде решен просторниот проблем со кој се соочува со децении. Исто така, годинава тетовската библиотека бележи „полнолетство“, односно 18 години функционирање како „потстанар“ во простории на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Просторниот проблем е најголемиот предизвик со кој се соочуваат вработените со оглед дека на  располагање имаат 230 квадратни метри, а според стандардите за работа би требало да имаат околу 1.000 квадратни метри. Во овој објект се поставени само дел од книгите. Тука се сите оддели – за деца, возрасни, каталогизација, весници и странска литература. Одделот за роднокрајна литература и канцеларии има во друг дел од Центарот за култура.

– Вкупниот број книги во библотеката е 82.821, а вкупниот број наслови 31.796. Поради недостиг на простор, голем дел од постариот фонд на книги се внесени во стари инвентарни книги, но не се внесени во COBISS-системот. Тие се ставени во посебен магацински простор и не се достапни за зајмување. Не сме во можност да ви дадеме точен број на овие книги. Вкупниот број книги евидентирани во текот на 2019 е 2.492, а вкупниот број наслови 985. Бројот на активни читатели во библиотеката во текот на 2019 изнесувал 5.255, велат во тетовската библиотека анализирајќи ги статистичките податоци.

Како за вработените така и за членовите има проблем поради недостигот на простор и немањето читалница.

– Има книги што поради одредена спецификација установата ги дава на користење, но само во сопствените простории. Во идеални условите тоа би значело читателот да ја користи, да ја чита книгата во читалница, која, за жал, не постои во тетовската библиотека. Така некои луѓе кога имаат потреба за таква книга во самата библиотека може да ја погледнат и така да ја искористат, вели библиотекарката Билјана Матовска.

Сите надежи и очекувања се завртени на само педесетина метри од оваа локација каде што се сместесни сега. До Центарот за култура веќе неколку години се гради голем објект во кој треба да бидат сместени националните установи Библиотека „Кочо Рацин“ и Тетовски театар.

– Станува збор за голем објект каде што ќе има предвидено цел кат и половина од еден од катовите за тетовската библиотека. Според најавите што ги имаме со тоа ќе биде решен просторниот проблем и библиотеката. Така ќе се се обезбедат сите потребни простории според стандардите за една библиотека и ќе има соодветни места за изложување на книгите, читалница, кафе-катче, канцеларии за вработените, кујна, магацински и помошни простории и слично, објаснува библиотекарката Билјана Матовска.

Наназад низ историјата библиотеката во Тетово бележи чести преселби, бележи во книгата од 2010 година „Од читалиште до современа библиотека“ авторот Владимир Кочоски, поранешен директор на оваа установа. Формирана е во 1945 година од страна на Поверенството за народна просвета, која има задача да го организира народното просветување.

Библиотеката била сместена во куќа, која тогаш била конфискувана од тетовскиот трговец Мато Симоски-Ченка. Во 1952 година библиотеката, наместо дел од Поверенството за просвета, станува самостојна културно-просветна установа. Потоа започнуваат неколкуте преселби на библиотеката – прво во куќата на семејството Ефчески, потоа во приземните простории во објектот познат како „Ловец“ во центарот на градот каде што всушност порано бил стариот Дом за култура. По една година детскиот оддел се враќа во куќата на Ефчевски, додека одделот за возрасни во куќата на семејството Рудичевци на улица Страшо Пинџур. Во 1967 година повторно библиотеката се враќа во куќата на Мато Симовски-Ченка каде што ќе опстојува сè до 2002 година, кога имотот со денационализација им се враќа на наследниците.

Во книгата Кочоски бележи дека во 1976 година тогашните државни органи издвоиле средства за набавка на комбе каде што се монтирале полици, кое било наречено библиобус, со намера да ги носи книгите до читателите.

– Цели десет години библиотекарот Војислав Димиќ секојдневно ќе оди низ селските населби носејќи литература до читателите. На тој начин со библиобусот со книги ќе се снабдуваат 1.500 членови годишно, бележи Кочовски во книгата.

Со цел да се приближат книгите и литературата до читателите во седумдесеттите години биле отворени и пет рурални центри за да бидат отворени библиотечни клонови во Селце, Вратница, Стримница, Џепчиште и Пирок.

Александар Самарџиев

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче: Заев и Ковачевски ја жртвуваа политичката кариера за денес да бидеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ

1,95% ќе биде каматата за стопанството со 3 години грејс период и 15 години рок на отплата, рече Мицкоски

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ