Скопје, 24 февруари 2020 (МИА) – Во Општина Центар денеска на повеќе локации беа заменети постоечките клупи за седење со нови. Активностите за уредување на јавните површини ќе продолжат во наредниот период со поставување 70 клупи за седење со нов удобен дизајн за граѓаните.
Новите 27 корпи за отпадоци, како што информираше Општина Центар, се поставени во паркот кај Кино Карпош, УЗ „Дане Крапчев“, кај Рамсторот во Дебар маало, во ООУ „Киро Глигоров“ и ООУ „Гоце Делчев“ на улиците – „Народен Фронт“, „Рузвелтова“ и „Костурски Херои“, детското игралиште кај „Зелен Пазар“, Даре Џамбаз и дел од Градски Ѕид. Во соработка со Град Скопје изминатиов период биле поставени и распоредени 98 корпи наменети за ситни отпадоци.
– Поставувањето нова урбана опрема во центарот на градот треба да придонесе за подигнување на нивото на хигиената на јавните површини, како и обезбедување почист и поквалитетен начин на живот за граѓаните. Во наредниот период, Општина Центар ќе го продолжи трендот за поставување нови 82 корпи и на други локации. Градоначалникот Саша Богдановиќ упатува апел до сите граѓани да бидат совесни корисници и да не ја оштетуваат новата урбана опрема, се вели во соопштението. мс/лв/