Тетово, 24 февруари 2020 (МИА) – Изградена е настрешница и почна уредување на новата локација за православни гробишта кај тетовско Фалише како почетни активности на новоформираниот иницијативниот одбор во насока местото да добие соодветна инфраструктура и лик. Настрешницата е изградена со донација на бизнисмен од Тетово. Објектот согласно православните обичаи ќе служи како место за раздавање на јадење за душа по погребот, како и место за засолнување на присутните во случај на дожд или во лето кога е топло.
– Иницијативниот одбор во декември лани почна со активности да се доизгради и уредат православните гробишта во Фалише. Оваа настрешница е донација за здравје на Влатко Свртинов од Тетово кој даде придонес и со лични средства ја изгради, изјави Илија Симјановски од иницијативниот одбор.
Од Јавното комунално претриатие Тетово работеа на уредување на просторот.
– Ние периодот пред Задушница го исчистивме целиот простор, двете улици и паркингот. Поставена е уште една чешма, изјави Гоце Новески од ЈКП одговорен за Одделот православни гробишта.
Во наредниот период планирано е уште да се работи на инфраструктурата.
– Ќе се доуреди настреашница со просторија за работниците, за чување на алати и слично. До 21 март планирање да продолжи поинтезивно хортикултурното уредување, да се работи на септичка јама и санитарен јазол и други работи, рече Новески.
– Ние како иницијативен одбор ќе поднесеме барање и за градење на црква и на трпезарија за верски обреди. Апелираме до сите кој сака да се приклучи ние како одбор сме отворени за соработка, рече Симјановски.
Речиси 200 луѓе се погребани на оваа локација до селото Фалише.ас/фф/