Крива Паланка, 22 февруари 2020 (МИА) – Во кривопаланечката градинка „Детелинка“ во тек е реновирање на целиот објект на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“, а се менува столарија на двата ката и се поставува нова кровна конструкција, инвестиции што се реализираат со средства во висина од околу осум милиони денари.
– Во моментот се работи на завршни активности за енергетски ефикасна фасада на целиот објект на улицата „Св. Јоаким Осоговски“, а во полн ек се работи на замена на кровната конструкција и речиси финишираат сите работи. Кровната конструкција е инвестиција која чини три милиони денари, средства обезбедени од сопствен буџет, а фасадата и столаријата, што опфати замена на дотраена столаријата со ПВЦ со памфлекс, четирисезонско стакло, се реализира со средства од проектот изработен со помош на општина Крива Паланка од Норвешка финансиска поддршка, проект вреден околу пет милиони денари, рече директорката на ОЈУДГ „Детелинка“, Мирка Јакимовска.
Во 2019 година во овој објект беше извршена реконструкција на две занимални со што проширен е капацитетот на објектот за згрижување 40 деца.
– Прокетот е изработен во координација со Општина Крива Паланка, финансиски е поддржан од ФООМ, од каде се обезбедени средства за инфраструктурниот дел, а Минситерството за труд и социјална политика обезбеди дидактички средства. Инвестицијата се реализираше со средства во висина од околу 2.800.000 денари, додаде Јакимовска.
Најави дека наскоро ќе се реализира и проектот за надградба на објектот на улица „Илинденска“. ид/мс/