Скопје, 22 февруари 2020
Инвестирањето во екологијата и во енергетиката подразбира инвестирање во здравјето на сите и во иднината на сите.
За жал имаме комплетен застој цели три години. Имаме порази наместо победи, имаме кочења на проекти, наместо реализација, имаме виткање на кичма наместо исправање.
Ветуваа алпски чист воздух, а добивме држава со најзагаден воздух во светот. Ветуваа гасификација добивме нула реализација. Празни хидроакомулации, загуби и скапи ремонти за повеќе пари во фирмите блиски на власта. Загадениот воздух го одзема здравјето, нашата иднина. Власта тргува со она што е најскапо за секој еден човек. А, тоа продолжува да носи порази на земјата.
Мора работите да се променат, мора да се инвестира во здравјето, но и во енергетиката, тоа е нашата иднина.
Затоа денес ќе презентирам што подразбира обновата кон која се обврзуваме во енергетиката и екологијата. Се разбира тоа се дел од проектите и политиките кои што идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги води. Подетално и поопширно во програмата која што ќе биде дел од предвремените парламентарни избори.
Се обврзуваме на обнова која подразбира енергетска обнова на домовите на граѓаните. Односно овозможување секое семејство да дојде до нова фасада и оков на својот дом при што за инвестицијата половина ќе покрие државата, односно 50-тина проценти е на трошок на државата. Фактичката состојба покажува дека многу од домовите на граѓаните се енергетски неефикасни, или воопшто немаат фасада, а нивната обнова пак или изградба на фасада чини пари. Затоа се обврзувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе финансира половина од трошоците за изградба на нова енергетска фасада и замена на ефикасен оков во домовите. Со оваа мерка ќе се намали непродуктивното користење на енергијата, а тоа пак ќе придонесе за заштита на животната средина. Тоа за граѓаните ќе значи топол дом на зима, и ладен на лето и секако она кое што е најважно пониски сметки за топлинска енергија и заштеда на нивните семејни буџети и повеќе пари за семејствата. Ова е проект кој што подразбира заживување на градежната индустрија, намалување на специфичната потрошувачка на енергенси за затоплување на домовите за индивидуално и колективно домување, но истовремено подразбира и заштита на животната средина. На прашањето зошто, затоа што ние како држава сме пет
Предмет: Интегрален текст од прес конференција
Говорник: Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Датум: 22.02.2020
пати понеенергетски неефикасни од тоа што е просекот во ЕУ. Односно трошиме 5 пати повеќе енергија за затоплување на домовите од тоа што се троши во ЕУ. Тоа значи дека повеќе имаме емисија на штетни честички во воздухот и поголемо загадување на животната средина.
Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи за граѓаните набавка на сончеви колектори за домаќинствата, при што 50-тина проценти од сумата ќе биде на трошок на државата. Ова подразбира дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи до 50-тина проценти субвенции на граѓаните за набавка на енергетски ефикасна опрема: сончеви колектори (фотонапонски централи, термални, топлински пумпи и приклучок кон топлификационите системи) со што граѓаните ќе добијат бесплатна енергија, ќе заштедат повеќе пари, а ќе се овозможи заштита на животната средина.
Се обврзуваме на обнова која ќе донесе целосна гасификација на Македонија. Гасификацијата која сега е заглавена, целосно ќе ја одглавиме и ќе ја дозавршиме. Еден од стратешките приоритети на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе природен гас за употреба во домаќинствата, индустријата, малите и средните претпријатија, образованието, социјалните установи, здравствените установи итн. Затоа ќе го изградиме гасоводниот систем во државата. Во наредниот период со интензивна динамика ќе се пристапи кон: завршување и пуштање во употреба на проектите кои беа започнати од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а еве гледаме на крајот од мандатот на оваа влада не се сеуште завршени. Изградба на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола т.е. доизградба како и доизградба на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, кој што е започна и првиот и вториот проект и обезбедено финансирањето од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму изградба на магистралниот гасовод Штип – Радовиш- Струмица – Гевгелија. Изградба на магистралниот гасовод Гостивар – Кичево. Изградба на магистралниот гасовод Свети Николе – Велес. Изградба на магистралниот гасовод Битола – Ресен – Охрид – Струга. Поврзување на ТЕЦ Неготино на природен гас и напуштање на оној за прв пат во историјата познат термин енергетско земјоделски комбинат кој што ниту е енергетски, ниту е земјоделски и гледаме дека само претставува споменик на едно неуспешно време на владите на СДСМ. Изградба на делници за поврзување на Технолошко-индустриските развојни зони во Штип, Прилеп, Тетово, Радовиш, Струмица, Кичево, Струга, Гевгелија, како и Индустриската зона Жабени.
Се обврзуваме на обнова која ќе значи обезбедување на природен гас за секое домаќинство. Ќе го направиме овој енергенс да биде достапен за секого. За таа цел во населените места кои се наоѓаат на поголемо растојание од магистралните гасоводи или примарната мрежа, ќе се пристапи кон изградба на платформи со менливи контејнерски батерии или резервоари за складирање на природниот гас т.е. ќе создадеме виртуелна секундарна мрежа поради сложеноста на проектот и поради сложеноста на процедурите за урбанизам и понатаму проектирање и ревизија на истиот. Системот подразбира компресија, транспорт и декомпресија на природниот гас директно од примарната во терцијалната мрежа. За да може истиот да стигне до гасните дистрибутивни мрежи низ населените места. Со ваквиот проект се опфаќаат голем број населени места и се овозможува природниот гас да биде подостапен до граѓаните и до компаниите.
Се обврзуваме на обнова која ќе донесе на секое домаќинство бесплатен приклучок до гас. Односно ова ќе значи нула денари трошок на секој дом кој ќе реши да користи гас како енергија. Ова подразбира повеќе пари за граѓаните, но и почиста животна средина.
Јас нема да ветувам чуда и затоа внимателно одбирам што ќе биде реализирано од работите. Притоа еден од клучните приоритети кој ќе го реализираме е чистиот воздух. Се обврзуваме на обнова која ќе донесе повеќе здравје, односно до 50-тина проценти почист воздух во првиот мандат од сега. Тоа подразбира намалување на загадувањето до минус 50-тина проценти. Ќе исполниме стратегија која ќе значи реализација на целосна гасификација на државата, создавање на услови гасот да биде достапен до секое домаќинство, и да стане широко распространет енергенс кој ќе се користи. Воедно тоа подразбира и користење од државните институции како и компаниите кои се загадувачи. Истовремено ќе инвестираме во зелени еко проекти и нови вложувања во екологијата. Сето ова сериозно ќе го намали загадувањето или најмалку до 50-тина проценти на крајот од мандатот од тоа што е состојба сега. Почист воздух за повеќе здравје.
Се обврзуваме на обнова подразбира инвестиции во обновливи извори на енергија. Ветерен парк Миравци за складирање на енергијата, за прв пат изградба на таков проект во нашата држава. Ветерен парк Миравци кој што ќе располага со ветерен потенцијал со вкупна инсталирана моќност и производство на електрична енергија од 300 GWh. Системот за складирање на оваа електрична енергија ќе овозможи енергијата која што се произведува во периодите кога има вишоци да биде складирана и истата во периоди на недостаток да биде испорачанадо потрошувачите. Со што ќе бидат опфатени околу 6.000 домаќинства.
Се обврзуваме на обнова која ќе подразбира целосна гасификација на медицинските центри во буквална смисла на зборот. Кои сега се големи загадувачи. Пред се ова подразбира гасификација на Клинички Центар во Скопје и болниците во Гостивар, Тетово, Прилеп, Битола и Куманово. Под целосна гасификација се подразбира реконструкција на котларите во болниците и јавните установи со поголема потрошувачка на енергија со цел поставување на когенеративни постројки. Когенеративни постројки за пошироката јавност подразбираат постројки за производство на топлинската и електрична енергија. А, како нус производ и технолошка пареа за целосно еко работење на болниците.
Се обврзуваме на обнова која подразбира целосна модернизација на РЕК Битола. Завршување проектот за модернизација на РЕК Битола и продолжување на векот на траење. Овој сложен проект опфаќа набавка на нова опрема за потребите на РЕК Битола, зголемување на нејзините капацитети и модернизација на работата, како и примена на целосни без исклучок и без компромис еко стандарди за намалување загадувањето на животната средина и целосно еколошко работење на комбинатот.
Се обврзуваме за обнова која што подразбира нова термоелектрична централа во Пијанец и Малешевијата според високи еколошки стандарди што ќе биде од стратешко значење за Источна Македонија. Ова подразбира 1000 силно платени нови вработувања за Делчево, Пехчево, Македонска Каменица и Берово, и останатите места се разбира. За целиот регион тоа ќе донесе нова додадена вредност средства од 20-тина милиони евра годишно. И враќање на животот во овој крај.
Се обврзуваме на обнова која подразбира основање на ново министерство за енергетика и минерални суровини кое ќе се фокусира кон проблематиката на енергетиката како клучна област за стратешки развој за државата. Тоа не значи дека ќе ја зголемиме бирократијата, напротив ќе ја намалиме бирократијата, и ќе го намалиме бројот на министерства кои што сега се покажаа како нефункционални и навистина одвишни во државната структура. Ова министерство за енергетика е клучно за развојот на овој стратешки сектор во нашата држава Република Македонија.
Се обврзуваме да вршиме издавање зелени државни обврзници за повеќе зелени проекти. Овој проект предвидува министерството за финансии да издаде зелени обврзници кои ќе бидат долгорочни должнички хартии од вредност. Средствата обезбедени по основ на овие обврзници ќе имаат стриктно определена намена односно ќе се користат за проекти за решавање на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина. Тоа е проблем на кој се обврзуваме дека макотрпно ќе работиме, бидејќи здравјето на нашите сограѓани ни е пред и над се.
Почитувани,
Ова се дел од капиталните проекти и политики за екологијата и енергетиката, а ќе има и многу други кои ќе бидат дел од нашата програма. Овие проекти ќе значат повеќе здравје, повеќе напредок, и поквалитетен живот. Ова се проекти и мерки од кој корист ќе имаат 2 милиони граѓани, за обнова на енергетскиот сектор и заштитата на животната средина. Повеќе енергетска стабилност и повеќе развој преку примена на иновативни технологии кои земјава ќе ја направат регионален лидер и со висок степен на енергетска самостојност.
Ова се сериозни проекти за обновата која ќе ја спроведе новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Нам ни требаат успеси наместо порази. Оваа обнова е надежта за која вреди да се бориме. Обновата победува, доаѓа време кога ќе има повеќе за секого.
Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
_____________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки