Куманово, 21 февруари 2020 (МИА) – Педесет и тројца невработени кумановци поднеле апликација до Центарот за вработување за мерката самовработување, информираа денеска надлежните од установата. Огласот беше објавен на 13 февруари годинава.
– Огласот е во тек и очекуваме дополнителен број на заинтересирани. Интересот е голем. Официјално огласот завршува до 30 јуни годинава. За програмата предвидени се финансиски средства за 1364 лица на ниво на државата и огласот ќе биде отворен се до исполнување на бројката. Ќе се води сметка за регионална застапеност во државата врз основа на критериуми и квоти, дефинирани во оперативните упатства за спроведување на мерката, изјави раководителот на кумановскиот центар за вработување, Марија Димитријевска.
Програмата за самовработувањето е наменета за оние кои имаат претприемнички дух и кои сакаат да го решат статусот на невработено лице преку почнување свој бизнис. Сите категории на невработени лица можат да аплицираат за мерката, вклучително и ранливите категории.
– Тие ќе добијат финансиска поддршка односно грант за набавка на опрема и материјали во износ од 307.500 денари. Две невработени лица кои што имаат заедничка идеја и се одлучат да формираат друштво со ограничена одговорност добиваат неповратен грант за набавка на опрема и репроматеријали во вредност од 615.000 денари, појаснува Димитријевска.
Програмата се спроведува во повеќе чекори, првин се пополнува прашалник, лицата посетуваат обука за претпримеништво и добиваат совети за развој на бизнис идејата. По обуката, идејата се оценува од стручни лица, следува изработка на бизнис план со поддршка од советниците, по што планот го оценува експертска комисија и се пристапува кон регистрирање на фирма, вработување на лицата и набавка на опремата и репроматеријалите.
Фирмите кои се основани од лица со попреченост добиваат поддршка со дополнително вработување, најмногу две. На ранливите категории, активни баратели на работа и апликанти за оваа мерка им следува и менторска поддршка од една година.
Со оваа мерка не се подржува земјоделската дејност, со исклучок на органското производство, такси службата, производство и дистибуција на оружје и финансиски и осигурителни бизниси. По исклучок за земјоделската дејност и за такси служба можат да бидат поддржани лица со попреченост, невработени Роми и приматели на социјална гарантирана помош. Оние кои еднаш учествувале во прорамата немаат право да аплицираат повторно. ам/аа/